вторник, 25 јули 2017  |  Вести денес: 56

„Дневник“: СДСМ поим нема зошто Заев брише 300.000 гласачи

zaev

Последни вести

„Се потврди она што СДСМ постојано го говореше, дека во Македонија нема повеќе од 1.500.000 гласачи“. Оваа реченица што стоеше во завчерашното соопштение испратено од Социјалдемократскиот сојуз до медиумите поттикнува дилема, која вчера во текот на целиот ден од „Бихаќска“ немаа време да ја објаснат.

Дилемата е како СДСМ заклучи дека во Македонија нема повеќе од еден милион и петстотини илјади гласачи? Таа бројка е околу 300.000 гласачи помала од официјалниот број луѓе во Избирачкиот список, односно 1.800.000 според Државната изборна комисија.

Од СДСМ вчера не одговорија на нашето прашање како, според нив, Списокот има одеднаш не 1.800.000, туку 1.500.000 гласачи.

Во недостиг на официјално објаснување може само да се претпоставува како во „Бихаќска“ математички е пресметан бројот на гласачи. Па, така, под претпоставка дека се минусирани 170 илјади гласачи кои се надвор од земјава и на нив се додадени оние спорни 39.502, кои треба лично да го потврдат своето право на глас, тогаш Избирачкиот список би броел околу 210-220 илјади помалку. Односно, најмалку 1.590.000 граѓани, односно околу 90.000 повеќе отколку што социјалдемократите официјално соопштуваат дека има гласачи на Избирачкиот список.

Значи, прашањето е што е со останатите 80 илјади кои СДСМ ги вброил во овие 300 илјади за колку што Списокот, според нив, е помал? Kои се тие и како Социјалдемократскиот сојуз ги „избриша“?

Молкот од „Бихаќска“ на нашите прашања е само уште една потврда за паушалните процени на партијата кога е во прашање Избирачкиот список. А примери има и други.

„Дневник“ повеќе пати бараше одговор од партијата предводена од Зоран Заев во врска со обвинувањата за изборниот криминал на ВМРО-ДПМНЕ со 200 илјади гласа на изминатите избори, кои тој ги споменуваше во многу свои изјави, но одговор никогаш не добивме. Официјално ниту Заев ниту СДСМ никогаш не ги поткрепи со доказ гласните обвинувања, а постојано тврдеше дека поседува аргументи.

Останува нејасно и зошто СДСМ има потреба од паушални неаргументирани процени кога веќе работата со Списокот е завршена, односно договорена, и таа процедура сега почна да се спроведува.

На крајот не помалку апсурдно е што СДСМ во бројката од минус 300.000 гласачи ги вбројува и оние 170 илјади кога тие не се избришани од Списокот, туку само ќе бидат обележани посебно за да мора да се најават каде ќе гласаат. Истото важи и за 39.502 граѓани, кои исто така не се избришани, туку треба сами да се пријават во определен рок и по што гласачкото право ќе им биде неоспорено. Kога тоа е расчистено во меѓупартиските преговори, тогаш прашањето е кому и зошто му е потребно да објавува бројки што значително се разликуваат од официјалните државни институции, и тоа за цели 80.000 гласачи.

Од 500.000, „фантомите“ се сведоа на 39 илјади

Целиот изминат период додека трае политичката криза, опозицијата споменуваше различни бројки за т.н. фантомски гласачи во Избирачкиот список. Едно време, според СДСМ, се работеше за 330.000 сомнителни гласачи, кои потоа станаа над 500.000 за кои инсистираа дека треба да се проверат.

Kонечната бројка на спорни или фантоми, сеедно, се покажа дека е всушност нешто над 39 илјади, кои ќе треба повторно да се пријават во ДИK за да можат да гласаат.

За нив, с` повеќе станува очигледно, воопшто нема да биде проблем да го докажат своето право на глас.

Најчитани вести