Дневник: Спасовски барал да се избришат 138.000 гласачи кои имаат право на глас

Државната изборна комисија во однос на Избирачкиот список е обврзана со членот 41, став 4 од Изборниот законик според кој „во Избирачкиот список се запишуваат сите граѓани со наполнети 18 години живот кои имаат живеалиште на територијата на Република Македонија, а кои имаат важечка лична карта или патна исправа“.

Од тука не можат да се прифатат толкувањата на техничкиот министер за внатрешни работи во Избирачкиот список да се најдат само оние државјани што имаат важечки лични карти, односно да бидат избришани полнолетните државјани што имаат валидни патни исправи, но немаат важечка лична карта. Ваквиот потег на министерот го сметаме за притисок и закана за работата на Државната изборна комисија, пренесува Дневник.

Ова ќе биде дел од содржината на колективното писмо што членовите на ДИK вчера попладне требаше да му го испратат на Спасовски како одговор на неговите поединечни писма испратени до нив, со кое практично повикува од Избирачкиот список да бидат избришани повеќе од 138 илјади избирачи. Мнозинство членови на ДИK вчера реагираа на ваквиот обид на Спасовски коментирајќи дека министерот нема ингеренции во уписот и бришењето записи во Избирачкиот список, туку тоа е единствено право и обврска на ДИK во посебна постапка, пишува весникот.

Имено, Спасовски во своето писмо до членовите до ДИK ги негира податоците дадени од дополнителниот министер за внатрешни работи Митко Чавков за проверка на избирачите во базите на МВР и ги смета за непрочистени и наведува дека само личната карта може да се смета како валиден документ за гласање бидејќи тоа е единствената исправа во која е наведено живеалиштето на државјанинот.

-За таа цел, сакам Вам како член на ДИK, поединечно да Ви укажам, дека според член 1, став 1 од Законот за личната карта „личната карта е јавна исправа со која се докажуваат идентитетот, државјанството на РМ, живеалиштето и адресата на граѓанинот на РМ, што значи неспорно е дека единствен доказ за живеалиштето и адресата на граѓанинот во РМ е важечка лична карта“, пишува во писмото на Спасовски испратено до секој од членовите на највисокото изборно тело.

Членовите од ДИK коментираат дека и самиот Спасовски со писмото потврдува дека го игнорира Изборниот законик според кој право на глас имаат сите полнолетни државјани што имаат биометриска исправа, независно дали е пасош или лична карта, и дека живеалиштето на граѓаните воопшто не е услов за правото на глас, туку само критериум за одредување на гласачкото место.

– Тој се повикува на Законот за личната карта, кој уредува што значи личната карта како јавна исправа и на тој начин сака да избрише од Списокот 138.167 избирачи, односно наместо веќе утврдените 1.813.114 избирачи, во Списокот да бидат запишани 1.674.957 граѓани. Уште повеќе ваквата манипулација на Спасовски завчера доцна попладне беше ставена и на дневен ред на седницата за да се гласа по неа. Исто така, беше ставено и сличното толкување на тоа кој треба да биде запишан во Списокот од страна на неговата матична партија СДСМ, но ДИK со Избирачкиот список нема да биде нечиј изговор за неодржување избори,  коментира за Дневник член на ДИK нагласувајќи дека Македонија е единствената држава која сите свои избирачи (повеќе од 1,8 милион) ги проверила во базите на институциите, а некои избирачи и повеќекратно преку дополнителна контрола и теренски проверки.