понеделник, 1 мај 2017  |  Вести денес: 1

Дневник: Струмичанецот Витанов е човекот поради кој Заев го одложи „Поткуп“

Kонечно е расчистена дилемата со кого од италијанската амбасада се сретнал лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на денот кога беше закажано рочиштето за „Поткуп“ – 20 декември, поради што тоа беше одложено, пишува весникот Дневник.

витанов

Поврзани вести

Според тврдењето на амбасадата, станува збор за Стојан Витанов, лице што не е вработено во амбасадата – како што објаснуваат од таму во одговорот на прашањата на „Дневник“ испратени минатата недела, ами е т.н. конзуларен коресподент, чија примарна функција е олеснување на конзуларните услуги што и се на располагање на италијанската заедница во Македонија.

Во персоналот на амбасадата на Италија во Скопје, всушност, не постои функцијата конзул. Со амбасадата соработуваат на доброволна основа и без финансиски надоместок двајца конзуларни коресподенти, што е предвидено од страна на Министерството за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија. Тоа се Стојан Витанов во Струмица и Зоран Ристевски во Битола. Тие не се вработени, ниту се репрезенти на амбасадата. Немаат никаква моќ, дури и оние (ограничени) што се припишуваат на конзулите или на заменик-почесните конзули. Според нашите информации, г. Витанов се сретнал со лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на 20 декември минатата година – објаснуваат од амбасадата за Дневник.

Во согласност со ова, како што велат од амбасадата, ниту еден нивен акредитиран член од персоналот не се сретнал со Заев тој ден, односно информациите дека тој ден на средбата бил Филипо Kандела, како што објави „Дневник“, биле целосно неточни. Од амбасадата реагираат и дека се неточни информациите и во врска со сомнителната функција на Kандела за која пишуваше „Дневник“ пренесувајќи ги анализите на новинарите и аналитичари на интернет-порталот „Балканализис“ – Kрис Делисо и Матео Албертини, пред неколку месеци. Во нив авторите врз основа на повеќе од двегодишно истражување за случајот „Пуч“ пишуваат дека клучна улога во „организирањето на обидот за државен удар преку релациите со првообвинетиот Зоран Верушевски има токму Kандела“.

Господинот Филипо Kандела е службеник на италијанското МНР. Тој е шеф на административниот оддел на амбасадата (вклучувајќи го и конзуларниот). Затоа е неточно она што е напишано во текстот дека тој не е наведен на листата со вработени во италијанското МНР. Филипо Kандела не е конзул – се вели во дописот до „Дневник“ од амбасадата.

Што се однесува до обвинувањата за наводното „учество на италијанската дипломатија и тајните служби во обид за државен удар во Република Македонија врз основа на наводни минати активности на амбасадата, тие се сосема лажни и се резултат на лични и произволни толкувања, кои се блиску до комични“, пишуваат во својот одговор од амбасадата.

Одговорот од италијанското дипломатско претставништво завршува со пораката дека ваквите информации се штетни за имиџот и угледот на амбасадата на земја која, како што се вели внатре, од осамостојувањето на Македонија е една од најголемите поддржувачи во евро-атлантските аспирации и секогаш соработувала со коректност, лојалност и длабоко пријателство со македонските институции почитувајќи ги независноста и суверенитетот на државата.

KАКО СЕ СТИГНА ОД АМБАСАДОРОТ РОМЕО ДО ВИТАНОВ ОД СТРУМИЦА

Италијанската амбасада реагира и за тоа зошто „Дневник“ не ја консултирал навреме за дилемите да бидат расчистени. Но, одговорот на ова прашање би било исто така прашање, но во обратен правец: „Зошто амбасадата чекаше да стигне до тука и му дозволи на Заев три пати да се премислува во оправдувањата заради кого од амбасадата бараше и доби одложување на рочиштето за „Поткуп’“?

Всушност, самиот Заев, односно СДСМ, на 20 декември го извести судот дека остварил средба со претставник на амбасадата, на која бил присутен конзулот на амбасадата. Ако не постои функцијата конзул, како што во писмото до „Дневник“ објаснуваат оттаму, зошто тогаш не е реагирано исто толку ревносно на известувањето на СДСМ испратено во судот како сега пое текстовите на нашата редакција?

Заклучокот, според образложението на амбасадата, би бил дека објавените текстови во „Дневник“ ~ вршат повеќе штета отколку три пати премислувањата на Заев за тоа со кого се сретнал од персоналот таму за по секоја цена рочиштето за „Поткуп“ да биде одложено.

Kолку за потсетување, првото образложение беше дека Заев има средба лично со амбасадорот, што бргу потоа беше демантирана на „Твитер“. Потоа го извести судот дека всушност средбата била со претставник на амбасадата, а на средбата, објасни СДСМ во известувањето до судот, бил присутен конзулот, а амбасадата на Италија во РМ вели дека конзул нема (на интернет-страницата на амбасадата стои поинаку, односно стои дека Kандела е конзул). На крајот СДСМ реагира до „Дневник“, па амбасадорот и конзулот станаа конзуларен претставник. Тој, пак, сега е идентификуван како Стојан Витанов, кој не е акредитиран во амбасадата.

Останува дилемата зошто судот дозволил одложување важно рочиште заради средба на Заев со коресподент кој не е дел од италијанскиот дипломатски тим во земјава – Стојан Витанов, како и фактот дека амбасадата, иако ни помогна во расчистување на дилемата, непотребно исфрла врз „Дневник“ клеветнички тврдења и дели лекции за професионалност бидејќи весникот не е тој што ја вплетка во ова подигрување со македонскиот суд, пишува Дневник.

Најчитани вести