„Дневник“: Субрата Рој преку оглас во Индија најави 2,7 милијарди евра вложувања во Македонија

„Сахара Индија Паривар“, групацијата на индискиот бизнисмен Субрата Рој, во бизнисот во Македонија во следните пет години ќе инвестира вкупно 2,7 милијарди евра. Најголемиот дел од парите, односно 1,6 милијарда евра, ќе ги вложи во млечниот бизнис, а останатите во хотелски комплекс. Овие суми се наведени во јавниот оглас што индиската групација „Сахара груп“ деновиве го објавила во тамошните дневни весници, пренесува Дневник.

Интернет-изданието на англиски јазик на индискиот весник „Хинду“ пишува дека „Сахара груп“ објавила оглас на три страници во дневниот печат во кој бара апликанти за високи позиции во нејзините бизниси во Индија и во странство. Во огласот групацијата најавува дека во текот на 2014 година ќе треба да се пополнат 56.000 работни места во Индија и во неколку странски земји каде што има сопствен бизнис, за што ќе вложи речиси 3,8 милијарди евра. Огласот, според „Хинду“, се однесува на работни места во бизнисот со млеко и со добиток, луксузни недвижности, фабрика за храна, одржување на домаќинството, образование и крстосувања.

Правна битка

Освен детали за работните места, „Сахара груп“ во огласот ги објавила и плановите за инвестиции во четири главни сектори, меѓу кои се споменува и интернационалниот бизнис во Македонија. Според најавите, во земјава групацијата на Субрата Рој ќе вложи 1,6 милијарда евра во проект од млечната индустрија и 1,1 милијарда во хотелски бизнис. На интернет страницата на „Сахара Индија Паривар“ се споменуваат и инвестиции во банкарскиот сектор во Македонија, но не се дадени никакви детали, пишува Дневник.

Другите водечки сектори во кои годинава најмногу ќе инвестира групацијата се продажба на луксузни стоки, ресторани за брза храна и објекти за здравствена заштита.

-Јавната објава на „Сахара груп“ медиумите во Индија ја толкуваат како изненадувачка бидејќи доаѓа во период кога компанијата на Субрата Рој води правна битка со индискиот државен регулатор за финансиска стабилност СЕБИ. Спорот се води пред тамошниот Врховен суд, за наплата на околу 2,4 милијарди евра на инвеститори со кои групацијата соработувала. Поради овој спор, индискиот суд ги замрзна сметките на „Сахара груп“, а на Субрата Рој му забрани да ја напушти земјата додека случајот не добие правна разврска. Сослушувањето за овој случај е закажано за 11 февруари, пренесува Дневник.

Очите свртени кон „Џумајлија“

Групацијата на индискиот бизнисмен лани со Министерството за земјоделство склучи договор за закуп на агрокомбинатот „Џумајлија“ на 15 години, за што е должен на државата годишно да ~ плаќа закупнина од 121.000 евра. Договорот предвидува Индијците во првите три години да инвестираат најмалку 200 милиони евра.

При потпишувањето на договорот, Рој најави дека од „Џумајлија“ ќе направи најсовремена млекарница во која дневно ќе се произведуваат по 80.000 литри млеко. Од нив ќе се задоволува побарувачката во земјава, а остатокот ќе се извезува во другите балкански земји, на Блискиот Исток и во земјите од северна Африка. Во договорот пишува дека индиската компанија во првите 18 месеци треба да набави 8.000 грла добиток, а по три години оваа бројка да порасне на 20.000. Закупецот се обврза во првите 18 месеци да вработи 900 лица, а по три години во „Џумајлија“ да има 2.000 вработени.

Освен во „Џумајлија“, „Сахара груп“ најави и инвестиции во хотелски комплекс во Љубаништа, за што веќе е изготвен проект. Според деталите објавени на страницата на „Сахара Индија Паривар“, хотелскиот комплекс ќе се простира на околу 324 хектари, а ќе може да прими 700.000 туристи во текот на целата година. Планот предвидува изградба на луксузен хотел со 5 до 7 ѕвезди, кој во следните години постепено ќе се дополнува со мноштво придружни елементи како што се куќички на дрво покрај брегот на Охридското Езеро, вили, апартмани, разни интернационални ресторани, казино, спа и јога-центар, клуб за адреналински спортови, терени за голф, здравствен центар и слично.

Во плановите на индиската групација с` уште стои изградбата на меморијален центар на Мајка Тереза кој ќе се состои од нејзина статуа и музеј.