„Дневник“: Во април може да се спроведат кредибилни избори

Kампањата што ја води опозицискиот СДСМ на чело со Зоран Заев, дека е невозможно да се одржат кредибилни избори на денот договорен од страна на сите четири партии – 24 април е неиздржана, оти Државната изборна комисија има полн капацитет да ги организира.

Ова за „Дневник“ го потврдуваат поранешниот член на ДИK од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Влатко Сајковски и нејзиниот поранешен претседател делегиран од СДСМ, Александар Новакоски. Обајцата ги тргаат настрана политичките игри кои, како што велат, ја блокираат работата на Kомисијата, и имаат идентични ставови дека „таа е единствената комисија надлежна за спроведување на изборите и сега треба со полна пареа да ја заврши работата заради која постои, а изборите да се реализираат на договорениот датум“.

Нивното тврдење е спротивно на она што во последните интервјуа Заев постојано го повторува, дека нема да има време за проверка на Избирачкиот список. Напротив, тие сметаат дека ДИK има доволно вработени луѓе, буџет и време да ги организира изборите во април.

Проблемот е политички, технички нема пречки

Сајковски е убеден дека по толку организирани и спроведени избори од осамостојувањето на Македонија, ДИK покажала и докажала дека може да спроведе кредибилни избори.

Од `98 година наваму, колку што имам учествувано во организирањето на изборите, како член на избирачки одбори, изборни комисии, на ДИK, можам најодговорно да кажам дека како што досегашните избори биле фер и демократски, згора на с` и признаени и од меѓународниот фактор, и сега може да се организираат. Составот на ДИK е дополнет и со експертско членство и реално нема основа да се врши притисок врз Kомисијата дека не може да се организираат кредибилни избори, вели Сајковски.

Според него, притисокот го врши опозицијата, наметнувајќи атмосфера со која сака да ги прикрие својата неподготвеност и страв од неуспех.

Оние што немаат што да понудат како програма, немаат кадар со кој ќе ја испромовираат, сега се повикуваат на неможност да се направи теренска обиколка на избирачите. Тврдам дека луѓето внатре, добар дел реизбрани членови на ДИK, си ја знаат работата и имаат капацитет да ги подготват изборите до 24 април, нагласува Сајковски.

Слично е и објаснувањето на Новакоски, кој беше член и претседател на Kомисијата. Тој порачува дека е време ДИK да покаже дека политичките притисоци не влијаат врз не, и да се фати за работа за да може да се прочешла списокот и изборите да се одржат на закажаниот датум.

ДИK е на потег

Kога јас бев претседател на ДИK, почнавме со една методологија на проверка преку преземање на подрачните единици од Министерството за правда. Сега ДИK практично може да ја употреби истата методологија, ги имаат сите услови: доволен број извршители, сосема доволен буџет… И ако веднаш се фатат за работа, со полн капацитет, за кој одговорно тврдам дека го имаат, барем членовите што се реизбрани оти за експертите не би коментирал, обезбедени ќе бидат сите услови тие да се случат на 24 април, објаснува Новакоски.

Според него, проблемот е во недовербата од политичките партии. Но токму тоа, вели Новакоски, треба да ја мотивира Kомисијата да покаже и докаже дека е над нив.

Блокадата е политички наметната, ама ДИK сега треба да си го докаже капацитетот, оти, во спротивно, ќе испадне дека таа е политичко тело, а не единствена државна комисија надлежна за спроведување на изборите. Јасно е дека целиот товар е сега во рацете на ДИK, ама одговорно тврдам дека со ова членство може да се организираат и спроведат кредибилни избори, потенцира Новакоски.