„Дневник“: За четири години на СДСМ двојно повеќе нови гласачи отколку за осум на ВМРО-ДПМНЕ

Kолку всушност се измени Избирачкиот список изминативе години за тој да стане основа за обвинувањата на СДСМ да не ги признава резултатите од последните изборни циклуси, прашува Дневник.

Податоците од Државната изборна комисија за досегашниот број избирачи покажува еден апсурд – неколкукратно поголеми промени биле правени од 2002 до 2006 година кога на власт беше токму СДСМ отколку од 2006 година наваму.

Според официјалните податоци во 2002 година во Македонија имало 1.664.296 избирачи. Во 2006 година, кога СДСМ го заврши мандатот, Избирачкиот список броел 1.741.449 граѓани со право на глас. Разликата за овие четири години е 77.153 избирачи. На последните избори во април 2014 година во Избирачкиот список биле регистрирани 1.780.128 избирачи. Тоа значи дека за тие осум години Македонија добила 38.679 нови граѓани со право на глас, што е четирипати помалку од она во периодот од 2002 до 2006 година. И покрај тоа, СДСМ и нејзиниот лидер Зоран Заев тврдат дека во Избирачкиот список се наоѓаат 100 илјади фантомски гласачи што биле уфрлени од актуелната владејачка партија, пишува весникот.

За ваквата теза СДСМ деновиве го искористи лошиот адресен систем што излезе на виделина со Избирачкиот список поставен на страницата на Државната изборна комисија.

Поради лошата евиденција на улиците и куќните броеви, дивоградбите и тоа што во руралните средини нема адресен систем, се појавија адреси на кои се заведени и под десетици избирачи. Сепак, ваквите сомнителни случаи допрва ќе треба да бидат проверени од ДИK. Таму, пак, викендов заврши вкрстената проверка за прочистување на Избирачкиот список, но бројките за сомнителните случаи по овој метод ќе бидат објавени дури утре. Теренската проверка, иако најавена дека ќе почна вчера, ќе почне до крајот на неделава. Вкрстената проверка всушност значеше споредба на базата на МВР на полнолетни државјани со право на глас, со базите на 10 други институции, меѓу кои УЈП, пензискиот и здравствениот фонд, Kатастарот и УЈП во кои овие лица фигурираат. Теренската проверка, според информациите на ДИK, ќе значи проверка сите оние избирачи што ги има во базата на МВР, но ги нема во најмалку две други бази од институциите. На терен ќе се проверуваат и сомнителните случаи како починати лица, повеќе запишани на иста адреса, лица на иста адреса, а со различни презимиња и слично. Засега нема податок колкав е бројот на такви случаи, објави Дневник.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.