„Дневник“: За Пендаровски и СДСМ изборите се демократски ако се полнат кутии?

За СДСМ, Ѓорѓе Иванов е нелегитимен претседател. Очекувано од опозициската партија имајќи ги предвид изјавите на Зоран Заев само минута по затворањето на гласачките кутии на 27 април дека изборите биле „системски грабеж“ на власта и по одлуката освоените пратенички мандати да се вратат и СДСМ да остане надвор од парламентот.

Неколку дена пред официјалната објава на СДСМ, делегитимирање на поддршката од 534 илјади избирачи направи лично и противкандидатот на Иванов како кандидат на СДСМ Стево Пендаровски.

Тој тогаш рече: „Да имаше демократија, разликата на овие избори ќе беше најмалку 100 до 150 илјади гласа во моја корист“, при што побара странските претставници да не бидат „неми набљудувачи“ на ваквата ситуација.

Пендаровски има искуство со избори и со нивно организирање, особено има искуство на претседателски избори – и како директен учесник како кандидат за шеф на државата и како организатор како претседател на Државната изборна комисија во 2004 година. Дали на тоа се должат неговите изјави со квалификациите околу изборите? Што е разликата меѓу 2014 година и, точно една деценија претходно, 2004 година?

Што кажуваат странците, кои Пендаровски ги смета за најрелевантни во оцената за тоа дали изборите биле фер и демократски, за изборите пред десет години што токму тој ги организира и ги легитимира, та сега овие избори се недемократски?

Разлики

„Вториот круг на изборите одржан на 28 април за избор на претседател (2004 година, противкандидати Бранко Црвенковски – СДСМ и Сашко Кедев ВМРО-ДПМНЕ, н.з.) повторно беше општо во согласност со изборните заложби на ОБСЕ, меѓутоа денот на изборите беше нарушен со сериозни неправилности во одредени делови од земјата… на денот на изборите проблемите што се случуваа во текот на првиот круг, како на пример гласање за други лица, преполнување на гласачките кутии и заплашување, беа уште поочигледни“, ја дава оцената за изборите во 2004 година набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР.

Странските набљудувачи во своите првични наоди и заклучоци веднаш го коментираат и цензусот за тој ден, велејќи дека „одѕивот што беше објавен очигледно го надмина неопходниот минимум, ова не треба да служи за да ја намали одговорноста на ДИК да ги разгледа неправилностите што беа пријавени“.

Во извештајот за минатонеделните избори стои дека претседателските и предвремените парламентарни избори од 27 април 2014 г. беа ефикасно спроведени, вклучувајќи го и денот на изборите. Набљудувачите од ОБСЕ/ОДИХР оценуваат дека кандидатите имаа можност непречено да ја водат изборната кампања, со тоа што забележуваат дека владејачката партија несоодветно ги разграничувала партиските од државните активности. Има забелешки и за групно гласање.

Она што е воочливо дека за најбитната забелешка на која „се вадат“ СДСМ и Пендаровски за нелигитимноста на изборите – заплашувањата од страна на власта, ОБСЕ/ОДИХР ја користат терминологијата „наводи за заплашување“. Од друга страна, набљудувачите за истата забелешка во 2004 година – заплашувања од страна на власта (тогаш СДСМ) децидно велат: „беа забележани сериозни неправилности на ниво на избирачки места во одредени делови од земјата, а кои вклучуваа гласање за други лица, преполнување на гласачки кутии и заплашување“.

ОБСЕ барала одговорност од Пендаровски

– Во одредени региони, членовите на избирачките одбори беа сменети, оставајќи ги ИО со претставници од само една партија… Пребројувањето и сумирањето на гласовите во избирачките места честопати не беа адекватно спроведени за обезбедување на заштитните механизми на постапката, а уредната постапка на порамнување на гласовите често не беше следена – пишува уште ОБСЕ/ОДИХР за изборите во 2004 година.

ОБСЕ/ОДИХР во извештајот го споменуваат токму Пендаровски како лично одговорен за грубите прекршувања на изборните правила во вториот круг на претседателските избори во 2004 година.

„ДИК целосно ги отфрли сите приговори добиени по првиот круг од изборите. На 17 април сите овие приговори беа отфрлени од ДИК врз основа на израмнето гласање во ДИК за што претседателот (Стево Пендаровски, н.з.) го даваше решавачкиот глас. Некои од приговорите всушност вклучуваа ситуации за кои се знаеше во јавноста, ситуации за кои се известуваше дека се проблематични од страна на меѓународните и домашните непартиски набљудувачи. Со тоа што ги отфрли сите приговори, без разлика на нивото на важност, ДИК ја пропушти можноста да испрати порака дека ваквите типови злоупотреби за кои беа поднесени жалби нема да се толерираат во текот на вториот круг“, посочено е од ОБСЕ/ОДИХР во 2004 година.

Набљудувачите тогаш особено забележале на тоа што при одлучување за приговорите ДИК се водела од законската одредба дека „при одредени типови неправилности ќе биде одлучено поништување на гласањето само ако бројот на гласови за кој станува збор е доволен за да влијае врз резултатот на гласањето во таа област (што во случај на претседателските избори е целата земја)“.

„При спроведувањето на овој критериум ДИК го разгледа влијанието на секој приговор одделно и не се осврна на вкупното влијание на наводните неправилности“.

Притоа треба да се има на ум дека во 2004 година претседателот на ДИК се избираше во Собранието по предлог на претседателот на законодавниот дом и со тоа доаѓаше од редовите на власта, за разлика од сега, кога првиот човек на ова тело се избира од редовите на најголемата опозициска партија. Наместо да сноси одговорност, тогашниот прв човек на ДИК си замина од функцијата доброволно две години подоцна во октомври 2006, откако Црвенковски (чиј мандат за претседател го верификува со вакви забелешки на „немите набљудувачи“ како што сега ги нарече Пендаровски) му понуди советничко место во неговиот кабинет.

ОБСЕ/ОДИХР: ИЗБОРЕН ПРОЦЕС 2004 – ЛОШ ИЛИ МНОГУ ЛОШ

„Во 24 отсто од овие избирачки места, процесот беше пријавен како лош или многу лош. Бележиме пораст во споредба со првиот круг, кога оваа бројка изнесуваше 8 отсто. Проблемите во одреден дел се поврзани со непознавање на постапките, особено во врска со порамнувањето на бројот на гласови. Во 41 отсто од овие избирачки места не се користел бројот на потписите на списокот за да се одреди бројот на гласачите што гласале“, стои во дел од извештајот ан ОБСЕ за изборите во 2004 година, кога всушност цензусот беше постигнат со полнење на гласачките кутии.

ОБСЕ/ОДИХР: ИЗБОРЕН ПРОЦЕС 2014 – ДОБАР ИЛИ МНОГУ ДОБАР

„Во начело позитивната оцена на гласање, според набљудувачите, процесот беше оценет како добар или многу добар во 96 отсто од набљудувањето. Работата на ИО и нивното разбирање на процедурите за гласање, како и транспарентноста на процесот беа оценети како позитивни во 95, односно 97 отсто од набљудувањата… Најчестата нерегуларност беше групното гласање, забележано во околу 9 отсто од гласачките места. Општата оцена на броењето на гласовите беше добра во 83 од 98 набљудувани броења“, стои во сегашниот извештај на ОБСЕ за штотуку одржаните избори.