До 17 часот во Прилеп излегле да гласаат над 60 отсто

Вториот круг од претседателските и парламентарните избори во Прилеп се одвиваат без проблеми и процесот тече континуирано, информира Општинската изборна комисија.

До 17 часот за избор на претседател гласале 61 отсто од запишаните 64.567 избирачи, а за изборот на пратеници од 64.316 граѓани со право на глас, на гласање излегле 62 проценти.

Нема проблеми и непречено се одвива изборниот процес и во соседните општини Кривогаштани, Долнени и Крушево.

До 17 часот во Кривогаштани на гласање за избор на претседател и за пратеници излегле 66 проценти. Во Долнени во вториот круг за избор на претседател до 17 часот гласале 41,8 проценти, а за избор на пратеници одѕивот е 47,8 отсто. Во Крушево одзивот за избор на претседател е 66,26 отсто, а за избор на новите пратеници, до 17 часот на гласање излегле 67,90 проценти од избирачите.