До 2016 година „Џонсон Мети“ ќе има 680 вработени

Џатин Такрар, извршениот директор на Џонсон Мети за Македонија, смета дека бизнис климата во Македонија е добра, а успешниот бизнис модел е причина поради која менаџментот на компанијата одлучи да ги прошири капацитетите во Македонија, пренесува Лидер.

-Ако не е нешто успешно, нема да инвестирате повторно. Нашето искуство покажува дека бизнис моделот тука добро функционира. Мислам дека тоа може да се примени и во било кој друг бизнис, вели Такрар.

Кои беа клучните причини за инвестирање во Македонија?

Нашиот главен бизнис е производството на катализатори, но вклучени сме и во изработка на многу други производи. Присутни сме глобално. Кога анализиравме на кој пазар следно да го прошируваме производството на европскиот пазар, размислувавме за земји како Полска и Чешка. Македонија беше земјата која ја вклучивме покасно во процесот на донесување одлуки. Некој ја предложи Македонија, и првото прашање беше- Каде е Македонија? Луѓето знаат за Југолсавија, но не знаат поточно кои се земјите на Балканот. Дојдовме да го истражиме пазарот, се сретнавме со надлежните, имавме специфични критериуми за започнување на бизнис тука. Го поминавме тој процес, направивме длабинско истражување на пазарот, по што донесовме одлука да започнеме бизнис тука.

Кои беа вашите специфични критериуми?

Во нашиот случај, сакавме да бидеме сигурни дека ќе бидеме сместени во близина на аеродромот, бидејќи имаме одредени суровини и материјали кои доаѓаат тука преку авиосообраќајот. Тоа беше многу важно барање од нас. Постоењето на индустриската зона беше исто така важно, како и обезбедената инфраструктура и слободното земјиште за градба. Исто така, битно беше тоа што нашиот капацитет се наоѓа до главниот град, каде што може да се најде доволно квалификувана работна сила. Така што, сите овие фактори беа многу важни за нас, како и бенефитите кои доаѓаа со нашето инвестирање во индустриската зона.

Колку локални жители работат во вашата фабрика?

Моментално имаме 570 вработени, од кои 565 се од Македонија.

Имате ли планови за понатамошно поширување, или пак инвестирање во други земји од Западен Балкан?

Неодамна донесовме одлука за проширување на нашата првична инвестиција од 2012 година, со што двојно ги зголемивме капацитетите во Македонија. Веќе почнавме да регрутираме луѓе и се надевам дека ќе достигнеме бројка од околу 680 вработени до 2016 година.

Колку изнесува вкупната инвестиција на Џонсон Мети во Македонија и што мислите за овдешната бизнис клима?

Инвестицијата на Џонсон Мети во Македонија изнесува 130 милиони евра. Бизнис климата генерално е добра. Имаме многу успешна приказна, затоа и се одлучивме да инвстираме повторно. Ако не е нешто успешно, нема да инвестирате повторно. Нашето искуство покажува дека бизнис моделот тука добро функционира. Мислам дека тоа може да се примени и во било кој друг бизнис. Неодамна и бордот на директори на Џонсон Мети ја посетија Македонија и беа импресионирани од работата тука во оваа фабрика. Беа импресионирани од квалитетот на работната сила. Ако ги погледените сите критериуми за успешен бизнис- сѐ е добро!