Македонија

До 2020 година Македонија железнички ќе се поврзе со Бугарија и со Албанија

До 2020 година Македонија железнички ќе се поврзе со Бугарија и со Албанија

Проектот „Изградба на нова и реконструкција на постојна пруга Бељаковце – Крива Паланка“ ќе биде реализиран  откако Македонски железници инфраструктура ја потпиша кредитната линија со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во  вредност од 145 милиони евра.

Заемот од ЕБОР е добиен со камата од  1,16%, а парите ќе се враќаат во следните 15 години со четиригодишен грејс-период.

Овие финансиски средства ќе бидат искористени за изградба на втората фаза од Коридорот 8 кон Република Бугарија , помеѓу Бељаковце и Крива Паланка во должина од 36 км. Според информациите од МЖ Инфраструктура, веќе е склучен договор со германската компанија „Вибе“ која до септември следната година ќе ги изведува градежните работи.

Втората делница е Бељаковци-К.Паланка во должина од 36 км, додека третата е К.Паланка до граница со Р.Бугарија во должина од 23км. Надзорот на оваа фаза од изградбата на Коридорот 8 ќе го врши шпанската компанија „Ептиса“.

Со изградбата на овие делници ќе се создадат поволни услови за насочување на економијата кон меѓународниот глобален пазар, потикнување на инвестициите и зголемување на бруто домашниот производ.

-Кридорот 8 со години наназад претставува голем интерес за Македонија поради поврзувањето со Црно Море, да речеме Турција како дел од Европа и Азија, и преку Албанија до Јадранското Море. За моја среќа тука дојдов во момент кога се работеше интензивно, а патната и железничката инфраструктура и сообраќај се приоритет на Владата. Почнавме активно со доизградба и рехабилитација на постоечкото од инфраструктурата, со цел поврзување на нашата држава од двете страни. Едниот дел го вклучува Куманово-Белјаковце-Крива Паланка-граница со Бугарија, а другиот продолжување на Кридор 8 од Кичево до Лин, граница со Албанија. За таа цел реализирани се многу средби на ниво на држави со Бугарија и со Албанија и заеднички е одлучено да се стави во функција овој Коридор, изјави директорот на МЖ Инфраструктура, Ирфан Асани.

Во исто време, тој обелодени дека дел од градежните работи се веќе започнати.

-По многу процедури почнавме со работите на делот Куманово-Белјаковце финансиран од ЕБОР. Во тек е изведбениот проект за втората делница Белјаковце-Крива Паланка, а многу бргу ќе имаме почнување на процедурите за главниот изведбен проект од Крива Паланка до границата со Бугарија. Градежните активности на делот од Куманово до Белјаковце се одиваат според предвиденото темпо, таму имаме санација на некои постоечки објекти кои ги дозволуваат пропишаните стандарди во главниот проект, имаме и некои што ќе бидат уништени и ќе се градат нови. До септември 2016 година делот од Куманово до Белјаковце ќе биде во функција. Од друга страна Коридорот 8 не би бил целосен додека не се поврзаме со Албанија, со Јонското Море и Јадранското Море. За таа цел преку ИПА компонентата најдовме заеднички јазик за финансирање на главниот изведбен проект. Процедурите завршија, потпишавме договор за изработка на главниот проект со конзорциумот од шпанската фирма „Типса“ и француската „Луи Берже“ која од овој месец ќе почне со работа.

Изградбата на овој значаен инфраструктурен проект, ќе заврши во 2020 година.

Со изградбата на оваа пруга, ќе се отвори железничкиот пристап до Црното Море со што ќе се обезбеди нова рута за македонските производи и ќе се зголеми трговската размена меѓу Македоија, Турција и Косово.

За време на реализацијата на проектот, се очекува зголемување на БДП, ангажирање на нови работници со што ќе има позитивно влијание врз целокупната економија во државата.