До 2020 ќе имаме интернет со брзина не помала од 30 Мbps

За шест години сите корисници на интернет во Македонија, без разлика дали се наоѓаат во урбано или во рурално подрачје, да имаат пристап до интернет со брзина не помала од 30 мегабити во секунда, а сегашната надземна мрежа целосно да биде поставена под земја.

Тоа го налага Правилникот за начинот на изградба на јавните електронски комуникациски мрежи и придружни средства, што го донесе Агенцијата за електронски комуникации во консултација со телекомуникациските оператори, Министерството за транспорт и врски и стручни лица.

Моментно во Македонија само 3,61 процент од корисниците имаат пристап до интернет со брзина поголема од 30 мегабити во секунда. Таква брзина на интернет, според динамиката од Правилникот, до 2016 година треба да имаат 30 проценти од корисниците, до 2018 година 60 проценти, а во 2020 да се достигне таргетот од 100 проценти. Моментните 1 процент корисници на супербрз интернет, со брзина од над 100 мегабити во секунда, се планира да се зголемат на 15 проценти во 2016 година, на 30 проценти во 2018 и на 50 проценти во 2020 година.

Според Роберт Орданоски, директор на АЕК, 2014 е година на фиксна телефонија со цел да се овозможат услови за развој на фиксни мрежи од нова генерација со супер големи брзини. Новиот Правилник покажува како до 2020 година Македонија ќе ги достигне целите од европската дигитална агенда, а граѓаните ќе имаат пристап до супербрз интернет што ќе стане стандард.

„Моментната пенетрација на брз интернет преку оптички мрежи, за нас, како Агенција за електронски комуникации, е незадоволителна. Затоа, заедно со операторите на електронски комуникациски услуги, покрај овој правилник, работиме на низа мерки и подобрување во регулативата што ќе поттикнат поголеми инвестициии во изградба на мрежи за обезбедување пренос со големи брзини и миграција на интернет-корисниците кон овие мрежи. Со тоа ќе ја постигнеме дигиталната агенда на ЕК, односно она што денес се смета за супер брз интернет, во 2020 година ќе биде стандард“, рече денеска на прес-конференција Орданоски.

Следната генерација пристапни мрежи потребни за постигнување на поставените цели за брзината на интернет, се целосно или делумно базирани на оптика.

Примената на Правилникот предвидува во градовите со над 15.000 жители, на растојание од најмалку 100 метри до повеќестанбени објекти кои имаат обврска за заедница на станари и станбено-деловни објекти, мрежата треба да е само под земја во кабелска инфраструктура. Операторите имаат обврска до крајот на годината до АЕК да достават информација за сите објекти поврзани на надземната мрежа. За две години 40 проценти од надземната мрежа да биде под земја, до 2018 година, 70 проценти, а до 2020 до 100 проценти.

За намалување на трошоците за поставување на мрежите од следната генерација, како што најави Орданоски, АЕК ќе се залага за соработка помеѓу операторите, со други институции и јавно-приватно партнерство. Со оглед дека копањето претставува 70 проценти од трошокот за поставување оптичка мрежа, АЕК преку својата единствена точка за информации ќе ги координира активностите во соработка со ЗЕЛС и Катастарот за се што ќе се гради подземно:оптички и електрични мрежи, водовод и канализација. Така се планира да се овозможи ефикасно поставување на целата потребна инфраструктура во едно населено место само со едно копање. Тоа треба да овозможи поделба на трошоците и значително пониска инвестиција за секој оператор кој сака да постави мрежа од новата генерација или да изврши замена на застарената електронска комуникациска мрежа.

Следната генерација пристапни мрежи на граѓаните им овозможуваат брзо пребарување на интернет, следење повеќе видеостримови со висока резулуција, интерактивни видеоигри, следење мултимедијални содржини со голема брзина, подобри параметри за квалитет. Пренесувањето на фајловите од компјутер, таблет, паметен телефон, до секој интернет сервер, пак, ќе се направи многу побрзо. За симнување филм со стандардна дефиниција со големина од 700 MB преку традиционална интернет врска од 6 Mbps потребни се приближно 15 минути, а во случај на пристапна мрежа од следната генерација со брзина од 100 Mbps ќе биде потребно помалку од 1 минута.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.