До 2020-та градежните објекти ќе имаат потрошувачка на енергија нула

Европските директиви предвидуваат до 2020 година новите градежни објекти да имаат потрошувачка на енергија блиску до нула. За земјите кои нема да го исполнат овој критериум се предвидува да плаќаат одреден вид казна, како што плаќаа новите членки на ЕУ за немањето соодветни депонии за отпад.

Ова го порача Блашко Димитров, претседателот на Комората на овластени архитекти и овластени инжинери на Македонија, нагласувајќи дека токму денешната презентација на тема „Енергетска ефикасност на згради и нивна пожарна безбедност“, што се одржува во рамки на Саемот на градежништво 2015, има за цел да едуцира за употребата на посовремени материјали во идните објекти и колку еден објект во кој се вградени сите материјали за енергетска ефикасност може да биде опасен од аспект на пожарна безбедност.

– Енергетската ефикасност е дисциплина која во последните дестина години добива повеќе на значење иако во светот големо значење и се дава многу поодамна. Кај нас ќе треба да се сменат размислувањата за проектирање на енергетски ефикасни објекти, почнувајќи од урбанистичкото планирање во кое ќе треба да биде дефинирано меѓусебното растојание на објектите, изложеноста кон сонцето и другите потребни параметри, па се до начинот на размислување, рече Димитров.

Нагласи дека во населби со тесни улички каде нема добар пристап за противпожарни возила и објектите се засенуваат еден со друг концепцијата за енергетска ефикасност не може да биде исполнета.

Тој посочи дека Комората и во иднина максимално ќе се залага за едукација и обука на инженерите со цел да бидат подготвени да направат квалитетен проект и изведба на енергетски ефикасен објект.

Мери Цветковска, професор на Градежниот факултет во Скопје истакна дека градењето на енергетски ефикасни објекти понекогаш може да биде проблем од аспект на обезбедување на пожарната сигурност на конструкциите.

– Современите градежни материјали што ги користиме за обезбедување енергетски ефикасни објекти честопати можат да бидат опасни од аспект на нивната пожарна безбедност, а светската статистика покажува дека штетите и жртвите што настануваат како резултат на појава на пожари на светско ниво се многу поголеми отколку во случај на земјотрес. Затоа мораме да ја третираме пожарната безбедност, рече Цветковска, потенцирајќи дека Европа веќе ја воведе во сите свои прописи за проектирање.

Таа прецизира дека понекогаш фасадите можат да направат голем проблем во пожарната безбедност на конструкциите доколку се користат согорливи материјали.

– Но, постојат прописи и правила за проектирање на фасадите со соодветни прекини и воведување на материјали кои се негорливи кои ние мораме да ги воведеме и кај нас. Тоа покажува дека со правилно проектирање се подобрува пожарната безбедност. Токму денеска ќе презенираме како се однесува една енергетски ефикасна (демит) фасада, односно фасада обвиена со стиропор, материјал кој е самогасив, во услови на пожар, рече Цветковска.

Прецизира дека соодветно на нашите климатски услови, 10 до 15 сантиметри е оптимална дебелина на стиропорот што треба да се стави на фасадата во зависност од тоа каков коефициент на топлопроводност сака да се постигне.

Петар Николовски доктор по технички науки од областа на енергетска ефикасност порача дека фасадата со самогасив материјал е сигурна доколку е изградена согласно прописите.

– Доколку се изведе според процедурите и технологијата која е пропишана од произведувачите енергетски ефикасната фасада не може да биде причина за ширење на пожар. Има одредени мерки кои при изведба на такви фасади треба да се почитуваат за да имаме оптимална пожарна безбедност, но за жал во Македонија нема подготвени работници за нивно градење и се јавуваат дефекти дури и паѓања на вакви фасади заради необученоста на изведувачите, прецизира Николовски.

Според него, услов една енергетски ефикасна фасада да биде трајна и сигурна од секој аспект не е само да биде квалитетен системот и сите шест-седум компоненети од кои се состои, туку и изведбата да биде според пропишаните процедури и нормативи. Кај нас, додаде, се спроведува некоја „мајсторска технологија“ која се разликува од европските за изведба на вакви фасади, но се подготвува едукација на тренери кои треба да обучуваат кадар за изолација на згради.