До јуни готови новите социјални станови во Прилеп

До јуни годинава во Прилеп ќе се обезбедат 76 нови станови за социјално загрозените семејства. Како што изјавија денеска градоначалникот Марјан Ристески и раководителот на подрачната единица на Агенцијата за станбен и деловен простор Драган Василески, веслувањето се очекува до крајот на септември, пренесува МИА.

Јавниот конкурс ќе биде распишан по завршувањето на објектот, а заинтересираните ќе можат да конкуриираат по електронски пат.

– Право ќе имаат социјални семејства, самохрани родители, деца без родители. Во почетокот на јуни зградата ќе биде готова и ќе биде објавен јавниот оглас за електронско конкурирање за становите, изјави Ристески по посетата на локацијата во приелпската населба Точила каде што се гради зградата.

Според Василески, се размислува и за уште една нова зграда за социјално загрозените семејства.

prilep-zgrada500

– Ова е втора социјална зграда што се гради во Прилеп. Становите се од 35 до 42 метри квадратни. Се надевам дека до крајот на септември постапката ќе заврши и новите станари ќе може да се вселат. Првата зграда обезбеди 52 социјални стана. Има потреба за изградба на уште бидејќи станува збор за категории граѓани на кои навистина им е потребна помош, рече раководителот.

Договорено е, додаде, да се одреди уште една локација за зграда со социјални станови и тоа да влезе во програмата на Агенцијата за станбен и деловен простор.

По долгогодишна пауза, Агенцијата во Прилеп ќе гради и комерцијални станови. – По пауза од осум години, ќе почне изградба на комерцијални станови кои, се надевам, ќе бидат конкурентни за да го подобрат животот на нашите сограѓани. Локациите ќе се знаат во мај, најави Василески.