Колумни

До кога СДСМ ќе продава магла за медиумска слобода?

До кога СДСМ ќе продава магла за медиумска слобода?

Ниту девет години во опозиција не се доволни за СДСМ да го промени арогантниот однос кон новинарите и јавноста. Дури и сега, во период кога наводно се борат за поголема медиумска слобода и за поставување на некакви нови стандарди, на Павел Шатев не ни помислуваат да покажат основна почит кон новинарите и медиумите што не се под нивна контрола. Поразително е за партија која претендира да води држава на недоличен начин да комуницира со новинари и да нема чувство за отчетност пред граѓаните.

За каква слобода на изразување се борат кога на новинарско прашање одговараат со навреди? За каква слобода на медиуми се залагаат кога отворено се закануваат на новинари и медиумски куќи? Какви стандарди се обидуваат да воспостават со канење новинари на кафиња по партиски штабови?

Господа од СДСМ, што сакате да ни кажете на Павел Шатев, а не можете на улица или во нашето студио? Имате ли некој сериозен пи ар советник да ви каже дека преку медиумите вие и се обраќате на јавноста? Преку непочитувањето на медиумите, ја понижувате и публиката. Ви кажале ли пријателите од Србија што ве посетуваат речиси секоја недела дека со ароганцијата што постојано ја промовирате нема да ги одвратите новинарите да дојдат до одговори? Не ве посоветуваа ли дека со дрското однесување само неповратно го уривате имиџот на партијата во очите на вашите симпатизери и членови, но пред се кај неутралните гласачи кои мора многу да се потрудите за да ги придобиете ако сакате некогаш да се вратите на власт?

За соработката со српската пи ар агенција им должите одговори на граѓаните, а не на „Република“. Ако вие сега како опозиција се однесувате нетранспарентно, каква порака им испраќате на граѓаните? Дека на власт ќе бидете поотворени за „незгодните прашања“? Или и тогаш ќе одговарате само на прашања кои вам ви се допаѓаат?

Што е толку тешко да признаете дека користите услуги на пи ар агенција? Не е ниту срамно да признаете дека во подготвувањето на стратегијата ви помагаат надворешни соработници, ниту е за криење. Освен ако не е противзаконски. А со одбивањето да дадете одговори на нашите прашања, колку и да е чист вашиот однос со контроверзните пи ар советници, оставате простор за сомнеж дека зад соработката стојат матни договори и дека расчистувате сметки со „црни пари“. Неразбирливо е како „продавачите на скапа магла“ кои во СДСМ ги нарекуваат „пријатели“ не им кажале дека непријателскиот однос кон медиумите може да им донесе само уште полош рејтинг од тој што го имаат во моментот. А тоа со еден збор се опишало како „катастрофа“. За тоа не се виновни новинарите кои прашуваат, туку првите луѓе на опозицијата затоа што не знаат што да кажат и што да понудат.

Очигледно дека политичката култура на Заев и на неговите соработници е на толку ниско ниво што не може да ја оправи ниту маркетинг агенција од калибарот на  „Рускин анд хунт“, која себе си се претставува дека е „специјализирана за справување со кризни ситуации“. Најверојатно и тие се прецениле кога се нафатиле на соработка со раководството на СДСМ.

Ако „збогум“и „доста е“ се единствените зборови кои ви ги кажале да ги користите во комуникацијата со јавноста тогаш, колку и да ви наплатуваат за советите, многу е. ( Упатените велат дека вакви услуги чинеле многу и се броело во милиони евра.) Ако сакате чесно да ги добиете изборите тогаш крајно време е да си најдете нови „пријатели“ кои ќе ви дадат корисни совети и нема да ви продаваат магла која можеби давала резултати пред 20 години, но не и денес. Ако продолжите со истиот однос тогаш граѓаните повеќе од сигурно ќе ви кажат „збогум“ и „доста е“ на деструкцијата што ја ширите и од која на сите им е преку глава.

А „Република“, ќе продолжи да ве прашува додека не добие одговори без разлика дали тоа ви се допаѓа или не.