До крајот на август искоренување на еболата од Западна Африка

Епидемијата на ебола во Западна Африка ќе биде совладана до август, изјави за Би-Би-Си шефот на мисијата на Обединетите нации за оваа заразна болест, Исмаил Олуд Шеик Ахмед.

– ОН претходно направија грешки во борбата против епидемијата на ебола, одвреме на време однесувајќи се арогантно, изјави Ахмед.

– Кога вирусот првпат се појави, веројатно имаше недостиг на знаење и постоеше одреден степен на ароганција, но сметам дека си ја научивме лекцијата, изјави специјалниот претставник на ОН и раководител на мисијата на Организацијата за итен одговор на еболата (УНМЕЕР).

Тој очекува дека епидемијата на ебола во Западна Африка ќе заврши до август оваа година.

– Не сакаме да дадеме каков било конкретен датум, но сум мошне сигурен дека епидемијата ќе исчезне до летото, додаде Ахмед.

Светската здравствена организација соопшти пред четири дена дека еболата однела 10.251 живот.