Македонија

До крајот на следната година ќе отпочне изградбата на секундарната гасоводна мрежа

До крајот на следната година ќе отпочне изградбата на секундарната гасоводна мрежа

По најавата за прекинот на изградбата на гасоводот „Јужен тек“ во јавноста се создаде слика дека Македонија ја изгуби единствената шанса за обезбедување на енергетска стабилност на долг рок. Досега не се говореше за тоа кои се следните чекори што владата ќе ги превземе во однос на обезбедување на гас и за реализација на примарната гасификација. Премиерот Никола Груевски во своето гостување во емисијата „Јади бурек“ во петокот мошне исцрпно говореше на оваа тема и образложи кои се следните чекори што Владата ги превзема по однос на решавање на ова прашање.

До крајот на годината започнува изградбата на секундарната гасоводна мрежа

Тој првично појасни дека Македонија во моментов има доволни количества гас, со кои би можела да се реализира секундарната гасификација на државата, со која домаќинствата и институциите во земјата би добиле пристап до овој евтин енергенс.

-Ние имаме во овој момент доволно гас да обезбедиме гас за цела Македонија. Цевката која што влегува во Македонија, што доаѓа од „Газпром“ од Русија е со капацитет од околу 800 милиони кубни метри, ние немаме ни половина искористено од ова. Она што отсега ќе го правиме, секундарна гасификација на Скопје, а понатаму и на источна и на западна Македонија и гасификација на домаќинствата. Со тоа би го зголемиле процентот на искористеност, меѓутоа со тоа неможеме да изградиме гасни централи. Значи нема да можеме да одиме чекор понатаму. Гасните централи се големи потрошувачи, домаќинствата не се големи потрошувачи. За да ги покриеме сите домаќинства во Македонија и лесната индустрија доволни ни се овие количини што веќе ги имаме, имаме цевка со таков капацитет како што кажавме, рече тој.

Груевски најави дека во однос на секундарната гасификација, односно за изградбата на гасоводната мрежа од влезот на градовите, па понатаму до домаќинствата и до крајните корисници се планира да биде побаран концесионер за што веќе е објавен и јавен повик. Досега интерес пројавиле две компании, една од Турција, една од Италија.

– Општините некаде на средината на февруари ќе имаат јавно наддавање по кое што ќе се потпише договор, така што некаде кон крајот на оваа или на почетокот од  следната година ќе почне изградбата, најави премиерот.

 

Грција веќе дала согласност за приклучување кон гасоводот во Грција

Што се однесува до изградбата на примарната гасоводна мрежа премиерот се осврна на две главни опции на кои што Владата во Македонија во последниов перод, како што рече, интензивно работи.

– Првата и клучна варијанта е поврзување со гасоводот во Грција, да напоменам дека Грција даде согласност за тоа и нема да имаме политички проблеми, самиот Евангелос Венизелос тоа го кажа. Значи во Грција на пристаништето кај Атина, се носат со танкери огромни количини, тоа е пристаниште направено за прием на течен гас. Тој протекува низ цела Грција и доаѓа на 30 км до нас. Нашата идеја е да се поврземе со тој гасовод. Значи да изградиме цевка внатре во Грција до точката каде што завршува нивниот гасовод и да ја внесеме во Република Македонија. На тој начин ќе можеме да повлечеме, да купиме гас од Атина во големи количини, појасни Груевски и напомена дека во тој поглед нема да има ограничувања за тоа колкави количини на гас Македонија би можела да купи.

Исто така, на истиот гасовод во иднина би се поврзал и Транс-јадранскиот гасовод (ТАП), при што Македонија ќе може да бира дали ќе купува гас од пристаништето во Атина или од Азербејџан.

Од 2019 та година се очекува гасот од Азербејџан да пристигне во Европа преку Транс – јадранскиот гасовод (ТАП). Овој гасовод се планира да се поврзува со Транс- анадолскиот гасовод кај Грчко – Турската граница и да поминува низ Северна Грција, Албанија и под Јадранското море, а во Италија да се поврзе со мрежата за природен гас. Проектот во моментов е во фаза на имплементација и во моментов се подготвува изградбата која треба да почне во 2016 та година.

Инаку, кога ќе се изгради, Транс – Јадранскиот гасовод ќе обезбеди евтина транспортациона рута која ќе се приклучи на виталниот Јужен коридор за гас, долг 3 500 километри, кој се протега од Каспиското Море до Европа.

Втората опција која што се разгледува во моментов е поврзувањето со т.н. интерконективен гасовод во Бугарија.

– Втората варијанта е уште едно поврзување кон Бугарија која има еден т.н. интерконективен гасовод. Тој повлекува гас и од Романија и од Русија и од други земји, но таму максимум може да се повлечат 1 милијарда метри кубни. Тука треба да се споиме од кај Петрич. Плус ни останува овој со „Газпром“ што влегува во Македонија кај Крива Паланка, рече Груевски.

Се очекува дека примарната гасификациона мрежа ќе биде изградена за три до четири години. Засега постојат повеќе опции за тоа како би се финансирал овој проект, но Владата настојува примарниот гасовод да биде во државна сопственост.