До мај извозот е 1,9 милијарди долари

Вкупната вредност на извозот од Република Македонија во периодот јануари – мај 2014 година е 1,946 милијарди долари и бележи раст од 18,5 проценти, а на увозот 2,976 милијарди долар, со забележан раст од 11,8 проценти. Покриеноста на увозот со извоз изнесува 65,4 отсто, додека трговскиот дефицит 1,030 милијарди долари.

Како што соопшти Државниот завод за статистика, трговската размена по производи покажува дека најмногу извезуваме катализатори на носачи со благородни метали или нивни соединенија, феросилициумот, фероникелот, сетови на проводници за палење, за возила, авиони или бродови, производите од железо и челик (валани производи) и облеката.

Во увозот се најмногу застапени суровата нафта, платината и легурите на платина, необработени или во прав, електричната енергија и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.

Во периодот јануари – мај 2014 година најголемо учество во извозот имаат земјите-членки на ЕУ со 78,9 отсто и земјите од Западен Балкан со 13,5 проценти, а во увозот земјите-членки на ЕУ со 64,4.

Според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Република Македонија најмногу тргува со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Италија. На овие земји отпаѓаат вкупно 52,7 отсто од вкупната размена.