До пладне на гласање излегле 19,24 отсто Французи

Одѕивот на гласачите во Франција на парламентарните избори во неделата до пладне изнесувал 19,24 отсто, објави француското министерство за внатрешни работи задолжено за спроведување на изборите.

Според медиумските извештаи, одѕивот на избирачите е малку помал во однос на излезноста до пладне во првиот круг од парламентарни избори одржани во 2012 година, кога изнесувала 21,06 отсто. Гласачките места се отворени во неделата на првиот круг од парламентарните избори утрото во 8 часот, а ќе бидат затворени во 20 часот по локално време.

Меѓу оние кои до пладне гласале е и францускиот претседател Емануел Макрон, кој на должноста дојде пред еден месец и на чијашто нова партија REM ѝ се предвидува освојување на мнозинството од пратеничките мандати.

Анкетите покажуваат дека партијата на шефот на државата REM, по инерција на неговиот успех на претседателските избори, поддржана од сојузниците ќе освои најмалку 30 отсто од гласовите, додека конзервативната партија Републиканци е освои 20 отсто, додека крајната десница Национален фронт (FN), може да се надева на 17 отсто од гласовите.

Според овие показатели, REM би можел да има надмоќно мнозинство во вториот круг од гласањето. Но доколку нема јасен победник на изборите, Макрон ќе биде принуден да склучува компромиси со политичките ривали.

За новиот претседател на Франција ќе биде уште полошо доколку некоја друга партија освои апсолутно мнозинство. Во тој случај би бил принуден да именува премиер од редовите на таа партија, односно да ја загуби контролата над внатрешната политика.

Според проекциите на агенциите за испитување на јавното мнение, REM би имал убедливо мнозинство од 330 до 360 мандати во парламентот со 577 пратеници. На Републиканци им се предвидуваат 135 до 150 мандати.

Вистинска катастрофа ѝ се предвидува на до неодамна владејачката Социјалистичка партија, на поранешниот претседател Франсоа Оланд, којашто според анкетите ќе загуби голем дел од своите 280 мандати што ги освои во 2012 година.

На социјалистите, на коишто Макрон им ги презема сите центристичко ориентирани гласачи, им се заканува и крајната десница предводена од претседателскиот кандидат Жан-Лук Меланшон. Неговата партија Непокорна Франција се надева на првите пратенички мандата во својата историја.

И Националниот фронт на Марин Лепен се надева дека нејзиниот успех на претседателските избори кога уверливо се пласираше во вториот круг, како и историскиот број мандати освоени пред две години на европските и локалните избори, ќе биде надграден на парламентарните избори. Оваа партија на минатите парламентарни избори освои само два мандата.