Македонија

До сега во Македонија 585 лица заболеле од грип

До сега во Македонија 585 лица заболеле од грип

Вкупниот број на заболени од грип во републиката од почетокот на сезоната 2013-2014, заклучно со 50-та недела, изнесува 585 лица. Во овој период нема регистрирани смртни случаи асоцирани со инфекции со вирусот на грип, соопшти Секторот за контрола и превенција на заразни заболувања Институт за јавно здравје.

Во текот на 50-тата недела од 2013 година, од 09.12. до 15.12. во Република Македонија, на групните пријави за грип се пријавени 153 лица со симптоми на грип.

Во споредба со бројот на заболени за 50-тата недела од минатата сезона (88), се бележи зголемување за 73,9 отсто, а во однос на просечниот број заболени во изминатиот 10-годишен период (32), се регистрираат 4,8 пати повеќе заболени лица.

Во споредба со истиот период минатата година (469), постои зголемување на вкупниот број на заболени лица за 24,7 отсто, а во однос на просекот за истиот период во последните 10 години (139), зголемувањето на бројот на заболени во оваа сезона изнесува 4,2 пати.

Дистрибуцијата на заболените од грип по месеци, укажува дека во месец ноември има регистрирано најголем број на случаи со симптоми на грип (289). За првите две недели од месец декември, регистрирани се 214 заболени.

Најголем МБ во оваа сезона е регистриран во ПЕ Пехчево (34,7/10.000), а најголем број на заболени (121) се регистрирани на територијата на ЦЈЗ Тетово.

Најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години (308), а најголем МБ (7/10.000 жители) кај најмладите, децата до четиригодишна возраст.

Во текот на 50-та недела, пристигнати се четири материјали за тестирање во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ и потврдено е присуство на инфлуенца вирус А/H1 во два материјали, а останатите два се негативни. Од почетокот на сезоната 2013/2014, во оваа лабораторија се пристигнати вкупно 16 хумани материјали од здравствените установи – од амбулантски и болнички лекувани пациенти, од кои пет или 31,2 отсто биле тестирани позитивни на вирусот на инфлуенца А/H1.

До крајот на 50-тата недела, против сезонски грип се вакцинирани вкупно 23.957 лица и потрошени се 99,9 отсто од набавените вакцини во јавно-здравствените институции кои се овластени за вакцинација против грип.