До трети септември барање за легализација на чамци

Преку најновите измени и дополнувања на Законот за внатрешна пловидба сите граѓани кои што имаат пловен објект, но истиот не е легализиран, ќе морат да го сторат истото до трети септември оваа година, информираше денеска министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески.

„Со овие измени се овозможува легализација на чамците кои се користат за пловење во Македонија, а за кои нивните корисници немаат доказ за сопственост. За регистрирање на пловните објекти претходно мораше задолжително да се поднесе доказ за сопственост како што е фактура за плаќање на чамецот, договор за купопродажба или потврда за платена царинска такса“, рече денеска Јанакиески.

Во земјава има околу 200 вакви пловни објекти, кои се стари и по 20 или повеќе години, кои што се користат низ езерата во Македонија.

„Причина за тоа е непоседување на доказ за сопственост, некои од нив се стари повеќе од 30 години, станува збор за постари објекти кои долго време се користат но не се регистрирани. Со овие законски мерки конечно ќе се овозможи нивно регистрирање што ќе придонесе кон дополнително зголемување на безбедноста на внатрешниот сообраќај“, потенцираше Јанакиески.

Системот на легализација, како што рече тој, е сличен со ситемот за легализација на тракторите.

„Предлогот за легализација треба да содржи марка, тип и број на мотор и година на чамецот, како и причините поради кои се поднесува предлогот, кон предлогот се поднесува и изјава заверена на нотар од самиот подносител дека тој под целосна одговорност изјавува дека совесно го владее чамецот и за истиот не се води друга постапка во надлежниот суд“, појасни реосрниот министер.

Тој нагласи дека по поднесениот предлог судот во рок од три дена ја известува Капетанијата со барање во рок од 24 часа преку истакнување на веб страницата на МТВ и на огласна табла на Капетанијата да ја информира јавноста и заинтересираните лица за поднесениот предлог.

Објавувањето на известувањето од судот трае 30 дена од денот на објавување на предлогот за легализација. Доколку по истекот на тие 30 дена не се обрати ниту едно друго заинтересирано лице писмено до судот со докажување на правен статус, судот во рок од 15 дена ќе донесе решение за легализација на пловниот објект. Доколку се пријави други лице , судот со решение ќе ги упати учесниците да поведат парнична постапка.