Доаѓаат посветли денови за рударскиот сектор: Нови рудници и редовни плати за работниците

Посветли денови доаѓаат за македонскиот рударски сектор. Во државата влегуваат нови инвестиции, се отвораат капацитети, се рестартираат рудници кои беа доведени во неповолна позиција.

Политиките за стимулирање на влезот на странски капитал даваат резултат, рударите конечно можат да здивнат, нивната мачна работа ќе биде целосно исплатена, ќе го добијат заслуженото, пишува Лидер.мк.

„Минстрој“ ги воскреснува „Злетово“ и „Тораница“

Бугарската „Минстрој“ ги воскреснува „Злетово“ и „Тораница“. Откако компанијата и официјално ги презеде двата рудника, процедурата за рестартирање на капацитетите е започната, а во тек е и постапката за добивање на сите потребни дозволи од Министерство за економија и од Министерство за животна средина.

Очекуваме во наредните две до три недели да ги добијат тие дозволи кои што се многу важни за понатамошна експлоатација во двата рудника. Едниот е рударскиот проект кој треба да го одобри Министерство за економија, а втората студијата за животна средина која треба да ја одобри надлежното министерство, вели заменик – министерот за економија, Кристијан Делев.

„Минстрој“ е крупен играч во овој бизнис, со богато меѓународно искуство. Бугарската компанија вложува 10 милиони евра во нова опрема во рудниците. Освен инвестиции, сопствениците на компанијата ветија и двојно повисоки плати за рударите.

Имам претстава што треба да се направи, каква техника и опрема треба да се купат. Ќе реализирам 10 милиони евра инвестиции, најави сопственикот на „Минстрој“, Николај Валканов.

Во моментов се ангажирани околу 160 луѓе во двата рудника кои работат на подготовките за рестартирање на рудниците.

Се рестартира производството во рудниците, се раздвижува индустријата за минерални суровини и руди, се подобрува регионалниот економски развој, се креираат дополнителни работни места и бизнис активностите во компаниите кои соработуваат со рудниците и со тоа се влијае на намалување на невработеноста и на зголемување на индустрискиот раст, вели вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.

На работа ќе бидат вратени сите рудари. Веќе започна и исплатата на трите заостанати плати од стечајната постапка.

Рударите можат да очекуваат во следните неколку денови да ги добијат тие средства кои неправедно од претходните сопственици не им беа исплатени. Од продажбата од имотот на двата рудника, првенство на наплата ќе имаат овие рудари, вели заменик – министерот Делев.

Рударите од Пробишти и од Крива Паланка меѓу себе ќе поделат околу 39 милиони денари.

Се воведе ред во работењето!

Македонската полиција кон крајот на мај поднесе кривични пријави против шестмина директори на „Индо Минерали и Метали“, фирмата што претходно стопанисуваше со „Злетово“ и со „Тораница“. Тие се товарат за злоупотреба на службената положба и овластување, предизвикување стечај со несовесно работење, оштетување или повластување на доверители.

Рударите претходно во повеќе наврати излегуваа на штрајк, го стопираа производството и одбиваа да влезат во јамите, барајќи редовна исплата на платите. Поради утврдени неправилности, опасни по безбедноста и здравјето на вработените, инспекторите ја казнија компанијата „Индо Минерали и Метали“ со глоба од сто илјади евра.

Министерството за економија ги раскина договорите со оваа компанија, откако се натрупаа долгови по основ на неплатена концесија, долгови за неплатена струја, за транспорт на суровини, непрефрлени пари за придонеси и за плати за работниците.

Државата реагираше правовремено и застана во заштита на рударите.

Рудниците во сигурни раце!

„Злетово“ и „Тораница“ ги чекаат подобри денови, „САСА“ во Македонска Каменица е веќе во стабилни раце. Рудникот за олово и за цинк испишува успешни страни во својата приказна, со континуирани инвестиции во капацитетот.

Инвестицијата за новото јаловиште што се гради на база на проширена концесија за експлоатација, за да може рудникот да работи во наредните 15 години, ќе чини најмалку шест милиони евра. Откако ќе ја завршиме таа инвестиција, ќе продолжиме со нова во капитални објекти за понатамошен развој на рудникот, вели директорот за развој и за инвестиции на рудникот „САСА“, Максим Прохоров.

Со новите вработувања, „САСА“ ќе ангажира над 700 лица и уште 150 лица се индиректно ангажирани, што значи обезбедување на уште минимум 15 години сигурно работење на рудникот, вели премиерот Емил Димитриев.

Исто така, успех во работењето покажуваат и „Бучим“ и „Фени“, како докажани тешкаши во својата бранша.

„Еуромакс ресорис“ комплетно ја менува сликата

Во македонскиот рударски сектор има простор за нови инвестиции и потенцијал за раст. Тоа го покажа канадската компанија „Еуромакс ресорсис“. Вложува половина милијарда евра во Иловица, во едно од поголемите наоѓалишта на бакар и на злато на Балканот. Се проценува дека резервите во Иловица се над 500 милиони тони руда.

Нивниот план е при градежните работи да бидат ангажирани околу 1.000 градежни работници, а во фаза на експлоатација над 600 рудари и други вработени. Овој огромен рудник за злато и бакар ќе биде нов мотор, не само на економијата во струмичкиот и во регионот на југоисточна Македонија, туку и нов мотор на целата економија, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Годишиот капацитет се проектира на 10 милиони тони руда, а производството на 2,7 тони злато и околу 16 илјади тони бакар.

Рударството е важна гранка за домашната економија

Македонскиот рударски сектор е важен за домашната економија. Учеството во БДП се движи од 1% до 2%. Во 2015 година е остварен вкупен извоз од рудниците од 155 милиони долари, додека увозот изнесувал 115 милиони долари. Кај останатите неметални рудници и преработувачката на неметали вкупниот извоз е 51 милион долари, а увозот е 295 милиони долари. Се работи за дејност во која, заедно со околу 300 преработувачки капацитети, има вкупно 13 илјади вработени. Најголем проблем претставува недостигот од стручни работници, но и цените на светските берзи кои во изминативе години внесоа голема неизвесност во овој сектор. Само во јуни во делот „Рударство и вадење камен“ имаше пад од 21,1%.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.