Познати добитниците на наградата „13 ноември“

Одборот за доделување на Наградата „13 Ноември“ на Град Скопје, денеска, по спроведеното тајно гласање, и официјално ги објави добитниците на Наградата „13 Ноември“ на Град Скопје за 2015 година.

Тајното гласањето го спроведе Комисијата што ја именува Одборот, во состав: претседател Бранко Цветкоски и членови: д-р Стојан Киселиновски, д-р Марко Китевски, д-р Михаил Груневски, Никола Фиданоски, Авни Халими,  Петар Гичаровски, Санде Стојчевски, д-р Изаим Муртезани, д-р Скендер Асани и проф. д-р Људмил Спасов.

Добитници на Наградата „13 Ноември“ на Град Скопје, за 2015 година се: Од областа на науката и публицистиката, Проф.д-р. Димитар Мирчев ,за висок придонес во развојот на политичките и општествените науки и образованието и посебно за Тетралогијата за македонскиот идентитет и суверинитет (2012-2015), Доц. др. Беким Кадриу, за постигнати резултати во областа на правната наука.

Од областа на образованието и воспитанието наградата ја доби Баки Бакиу, за заокружена творечка континуирана животна работна целина во областа на воспитанието, образованието и публицистиката.

Од областа на културата, добитник е Џабир Ахмети, за долгогодишно остварување во областа на културата и книжевниот превод и Братислав Димитров,  за петте книги во кои е вреден и вљубен хроничар на градот Скопје.

Од областа на уметноста и архитектурата: Јелена Жугиќ, за особен придонес во популаризацијата на театарската уметност во град Скопје и за основање на Националната установа Театар Комедија, Скопје,за негово етаблирање и успешно раководење и проф. д-р. Јован Стефановски-Жан, за остварувања во областа на архитектурата.

Од областа на здравствената заштита и хуманитарната активност Поликсена Илиоска , за долгогодишни остварувања во областа на хуманитарната дејност и придонес за афирмација на градот Скопје и Република Македонија и проф. д-р Гордана Петрушевска, за особено врвни постигнувања во областа на медицината.

Од областа на спортот Стојна Вангеловска , за постигнати врвни спортски резултати и Игор Стефановски, за постигнати врвни резултати и освојување на медали во автомобилизмот во ридско брзинските трки.

За ученици и студенти наградата ја доби Марко Младеновски, за континуирани успешни постигнувања во наставните и воннаставните активности.

Наградата „13 Ноември на Град Скопје се доделува на физички и правни лица како знак на признание на Градот Скопје за остварувања, во стопанството, науката, уметноста, културата, воспитанието и образованието, здравствената и социјалната заштита, спортот и физичка култура, техничката култура, заштита и унапредувањето на животната средина и природата, како и во други сегменти на животот, трудот и творештвото, што претставуваат посебен придонес за развојот на градот Скопје и за неговиот севкупен напредок и афирмација во Република Македонија и во светот.

Наградата може да се додели и на физички и  правни лица од други држави кои оствариле посебен придонес за Градот. Исто така, Наградата се доделува и на ученици и студенти за творечки труд или континуирани успешни постигнувања во наставните и во воннаставните активности што претставуваат посебен придонес за напредок и афирмација на Градот Скопје.

Наградите на посебна свеченост ги врачува градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, на 13 Ноември- Денот на ослободувањето на Скопје.