Добивките од „спортска“ не треба да се пријавуваат во УЈП

Сите оние што во изминатата година имале среќа па успејале да ќарат во спортските обложувалници не се должни добивката да ја пријават во годишната даночна пријава која што ја поднесуваат во УЈП.

Како што пишува Правдико, согласно член 55 став 1 и 2 од Законот за персоналниот данок на доход, данок на доход за добивките од општите игри на среќа не се плаќа, ако поединечната исплата на добивката не го надминува износот од 5.000 денари. Согласно член 70 став 2 од Законот за персоналниот данок на доход, обврзникот (физичкото лице) кој во текот на годината остварил добивки од посебните игри на среќа не е должен истите да ги прикаже во годишната даночна пријава.

Согласно на законските одредби, граѓанинот кој остварил добивка од посебните игри на среќа (казино, автомат клуб или обложувалница) нема обврска истaта да ја пријави во Годишната даночна пријава, од причина што исплатувачот на добивките од посебните игри на среќа (казино, автомат клуб или обложувалница) има обврска во моментот на исплатата на приходот да го пресмета и задржи ПДД и до УЈП да го достави месечениот извештај за исплатени приходи – добивки од игри на среќа и за пресметаниот и платен данок по одбивка.

Граѓанинот кој остварил добивка во износ поголем од 5.000 денари од општите игри на среќа (лото, бинго, квизови, наградна игра и сл) има обврска истата да ја пријави во Годишната даночна пријава во УЈП.

фото: Канал 5