Доближување на ставовите меѓу Грција и кредиторите

Најновите случувања по новата рунда разговори на премиерот Алексис Ципрас со европските лидери и претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер, контактите со раководството на Европската централна банка и размената на мислења на ниво на Бриселската група, одразуваат значителен напредок во преговорите меѓу грчката Влада и институциите, објави МИА.

Според извори од Владата во Атина, доближување на ставовите е постигнато во неколку сектори, како што се социјална сигурност, работните односи, даноците и приватизацијата, но се уште постојат и разлики.

Во однос на приватизацијата, се очекува развој во врска со 14 регионални аеродроми и пристаништето Пиреа (ОЛП). Владини претставници изразија оптимизам дека ќе има договор во разговорите со германската група Фрапорт. Грчката Агенција за приватизација ТАИПЕД следната недела се очекува да распише тендер за приватизација на 51 отсто од ОЛП, наместо на 67 проценти како што беше првично планирано.

Грчкиот премиер и претседателот на Европската комисија вчера се согласија за модернизација на системот за социјална заштита со цел да биде фер, фискално одржлив и ефикасен за заштита на стари лица од сиромаштија. Експерите сметаат дека е многу позитивна нивната заедничка изјава која се однесува на договорот на двете страни за „улогата на модерен и ефикасен систем на колективено договарање кој треба да се развива преку широки консултации и да ги задоволи највисоките европски стандарди“.Враќањето на колективниот договор е една од главните цели на грчката Влада.

Доближување на ставовите е постигнато и во фискалните прашања. Според извори, постојат сценарија за воведување единствен ДДВ од 16 отсто (ДДВ-ата од 23 и 13 отсто ќе бидат укинати), под услов 6,5 отсто ДДВ се уште да важи за одредени стоки од медицината и книги.