Добриот појадок може да ви помогне во котролата на дијабетесот

Годинава одблежувањето на Светскиот ден на дијабетесот се фокусира на темата Како добриот појадок може да се користи за контрола на нивото на шеќер во крвта.

Темата е поставена како одговор на порастот на дијабетесот во светот и со цел да се одбележи роденденот на Фредерик Бантинг, кој заедно со Чарлс Бест први ја зачнаа идејата што доведе до откривање на инсулинот во 1922 година.

Здравстевните експерти сметаат дека водењето активен живот и консумирање на балансирана исхрана сочинета од овошје, зеленчук, житарици, безмасни протеини и млечни производи може да помогне за контрола и превенција на двата типа на дијабетес.

Според британските медицински власти, во делот на контрола на дијабетесот овој модел на исхрана им се препорачува на сите со основна препорака да се консумира храна со ниско ниво на сол, маснотии и шеќер.

Промените на животниот стил најчесто се советуваат на лица кои се соочуваат со ризик од дијабетес и на кои им бил дијагностициран дијабетес од Типот 2. Препораките вклучуваат 2,5 часа неделно умерена физичка активност заради намалување на тежината, а со цел постигнување на индексот на здрава телесна тежина.

На глобално ниво во 2013 година се проценува дека 382 милиони луѓе имаат дијабетес од кои 90 проценти од случаите отпаѓаат на дијабетот Тип 2.

Во Македонија, според Асоцијацијата за детски дијабетес „Баланс МК“, има приближно 200.000 лица со дијабетес тип 1 и тип 2. Од нив, околу 43.000 лица примаат инсулин, а на Детската клиника на годишно ниво се регистрираат околу 30 деца со дијабетес тип 1 (инсулин зависен). Оваа година, дијабетес мелитус тип 1 е дијагностициран кај 33 деца.

За подигнување на јавната свест за консумирање здрава храна и здрав начин на живеење Владата неодамна започна со кампња насловена „Здравјето е избор“. Целта е да се поттикне на промена во начинот на исхрана, нов животен стил со повеќе физичка активност – помалку продукти што предизвикуваат зголемена телесна тежина.

Дијабетесот е долгорочна состојба која предизвикува зголемено ниво на шеќерот во крвта. Иако се смета дека е дел од групата на метаболички болести, постојат два типа на дијабетес – Тип 1 и Тип 2.

Високото ниво на шеќер предизвикува зачестено уринирање, како и чувство на жед и глад. Доколку не се лекува може да предизвика компликации како болести на срцето, мозочен и срцев удар, како и оштетување на бубрезите и на очите.

Може да се појави како резултат на недоволното лачење на инсулин од панкреасот или доколку клетките на телото не одговараат соодветно на обезбедениот инсулин.

Инсулинот е хормон кој го создава панкреасот и кој помага телото да може да ја користи гликозата како енергија.

Кај дијабетесот од Тип 1 имуниот систем на организмот ги напаѓа и уништува клетките кои произведуваат инсулин. Тоа доведува до пораст на нивото на шеќерот во крвта, оштетувајќи ги органите во телото. Кај лицата заболени од дијабетес Тип 1 се создава зависност од инсулин и најчесто ја погодува популацијата под 40 години.

Дијабетесот од Тип 2 е состојба во која телото не успева да произведе доволно инсулин или клетките на телото не реагираат на инсулинот. Често се поврзува со дебелината и се оценува како прогресивна состојба, а вообичаено се третира со користење на таблети.

Светскиот ден на дијабетесот е воведен првпат во 1991 година од Меѓународната федерација за дијабетес и Светската здравствена организација, а денес официјално се одбележува и од Обединетите нации.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.