Николов: Добро е што се одложи либерализацијата на пазарот на струја

Минатата година се одложи либерализацијата на пазарот на струја, така што домаќинствата сами ќе избираат од кого ќе купуваат струја дури за 6 години. Либерализацијата на пазарот се одложи и за компаниите кои етапно ќе влегуваат во процесот – оние кои трошат над 1.000 мегават часови годишно во 2016-та, над 500 во 2017-та, над 100 во 2018-та и над 25 во 2019-та. Останатите, околу 65.000 најмали фирми и 600.000 домаќинства влегуваат на слободниот пазар во 2020-та.

Целта беше да се заштити стандардот на граѓаните. Според Марјан Николов, претседател на ЦЕА,  во Македонија системот е така поставен да цените за базната и за пик потрошувачката се уште не се реални што од економски аспект не е во ред, затоа што ваков начин на тарифирање не ја одразува реалноста на економскиот трошок.

„Мислам дека Владата направи добар потег со одложување на либерализацијата, имајќи предвид дека само затоа што се работи за пик потрошувачи, по дефиниција ќе се плаќа многу повисока цена отколку што се плаќало до сега. Второ, во ЕУ директивите за електрична енергија има една категорија што се нарекува разумна цена за електрична енергија, под што се подразбира дека и општеството мора да види која е куповната моќ на потрошувачите. Од тој аспект по мое мислење е добро што се донесе одлука да се одложи либерализацијата, бидејќи не можете да одите нонстоп со донесување одлуки затоа што тоа е согласно директивите на ЕУ. Тоа механичко носење на одлуки, на закони кои што не се одраз на домашната реалност, може дополнително да ја влоши и онака лошата економско политичка и социјална ситуација во Македонија, вели Николов за Утрински весник.