Добротворен концерт за поддршка на луѓето со ХИВ

Централниот настан од годинешната национална кампања за ХИВ ќе биде добротворниот концерт на првенци на операта и камерен ансамбл од Македонската филхармонија што ќе се одржи токму на Светскиот ден против СИДА – 1 декември, во Музејот на македонската борба, со почеток во 20 часот.

Собраните средства од концертот што го организира „Заедно посилни“ – групата за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ во Македонија, ќе бидат строго наменети за поддршка на луѓе што живеат со ХИВ, а се наоѓаат во неповолни социјални услови, како и за покривање на итни здравствени потреби за секое лице со ХИВ.

„Луѓето со ХИВ можат да живеат долг, здрав и продуктивен живот, но за еден дел од нив тоа е секојдневен, голем предизвик поради неповолна финансиска состојба. Затоа средствата собрани преку вакви хумани добротворни активности се исклучително значајни за еден дел од овие граѓани за да можат да ги остварат своите права на достоинствен живот,“ изјави Андреј Сених, координатор на „Заедно посилни“.

Ова е трета година по ред како врвните македонски мајстори на класичната музика и операта се вклучуваат во обезбедување средства за поддршка на лицата што живеат со ХИВ во нашата земја. Добротворниот концерт е традиционално поддржан и од Претседателот на Република Македонија.

Директорката на Македонската филхармонија, Маја Чанаќевиќ ја нагласува социјалната одговорност на оваа институција надевајќи се дека со активирање во проектите на „Заедно посилни“ и Х.Е.Р.А ќе може да помогне во подигнување на свеста поврзана со ХИВ и СИДА и интегрирањето на луѓето што живеат со ХИВ во општеството.

Музиката е универзален јазик која има можност да го воздигнува духот и да ги поврзува луѓето без разлика на нивните национални, интелектуални или пак емотивни определби и состојби. Во светот музичката терапија е признат метод за лекување и се надеваме дека со учеството на Македонската филхармонија во кампањата на „Заедно посилни“ ќе придонесеме кон поинакво третирање на луѓето засегнати со оваа проблематика и со помош на музиката ќе успееме да го разубавиме нивното секојдневие и да најдеме поинаков пристап кој би бил во чекор со случувањата во светски рамки, а поврзани со уметноста и недискриминацијата.

Од досегашните донаторски активности организирани изминатите две години собрани се вкупно 427.900 денари, од кои 225.000 денари се наменски искористени за обезбедување тестови за следење на ХИВ-инфекцијата во 2012 година, клучни во успешното лекување на луѓето со ХИВ, а 202.900 денари се искористени за помош на социјално погодените лица со ХИВ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.