Додека Градот не купи пошироки цевки подвозниците ќе се дават во вода

Поројниот дожд што вчера го зафати Скопје, повторно предизвика колапс на сообраќајот. За скопјани ништо ново – старите проблеми само им ги освежија фрустрациите и револтот, заглавени во долги редици на автомобили кои едвај се движеа по улиците. За подвозниците со години е истата прказна, секој дожд е само реприза на претходната поплава.  Особено критични се оние  кај клучката кај хотелот „Континентал“, подвозникот што води кон Бутел, кај Стоковна куќа „Мост“ и на улицата Павел Шатев. Но, неоспорлив е и фактот дека проблемите се јавуваат и поради тоа што најголем дел од градот не е покриен со атмосфреска канализација. За надлежните од јавното водоводно претпријате, клучен фактор за поплавените улици и сообраќајниот метеж што се прави при тоа, е малиот капацитет на изградената атмосферската канализација, која не е предвидена за силни и поројни дождови. Ваквиот дожд дополнително ја затнува канализацијата со разни отпадоци, иако како што велат надлежите, сливниците редовно се чистат.

Решение за проблемот има, вели директорот на ЈП „Водовод и канализација“, Бојан Василевски, а тоа е изградба на нова атмосферска канализација или нејзина реконструкција, барем на најкритичните точки како кај подвозникот кај Стоковна куќа „Мост“,  на  улицата Павел Шатев, булевар Србија,  булевар Киро Глигоров и кај  подвозникот во Бутел.  За тоа веќе се работат проекти,  но, за нивно официјализирање сепак согласност треба да даде градската власт.

„Главен проблем е што капацитетот на атмосферската  канализација не  е предвиден за поројни дождови, туку за нормални врнежи. Веќе се предвидени зафати за реконструкција на атмосферската канализација на покритичните места. Исто така, само 30 отсто од градот е покриен со атмосферска канализација, а тоа во најголем дел се глаавните градски сообраќајници. Сите улици кои се под надлежноста на Градот имаат атмосферска канализација, но тоа не е случај со општинските сервисни улици. Локалните власти на овие сообраќајници треба самите да градат атмосферска канализација. Во тоа намногу предничат општините Карпош и Центар“, вели Василевси, кој посочи дека за разлика од изградбата на нова атмосферска канализација која чини многу, реконструкција на постојната  не е многу скапо решение.

Вчера во попладневните часови, во делови од градот беше комплетно пренасочен сообраќајот, што предизвика дополнителен метеж, а на дел од крстосниците полицијата го регулираше сообраќајот.

Како што не информираа од Министерството за внатрешни работи, сообраќајна полиција била поставена кај  „Мавровка“, Црвен Крст, Собрание, „Нова Македонија“, булеварите Борис Трајковски, Партизанска, Мајка Тереза и Климент Охридски. Додека пренасочување на сообраќајот имаше на булеварите Гоце Делчев кај Стоковна куќа „Мост“, Киро Глигоров, Србија, Александар Македонски кај „Светлост“, 16- та Македонска бригада кај ресторанот „Дојрана“ и на улицата Јордан Мијалков.

И покрај големата нервоза кај возачите, кои поради „вонредната“ состојба им требаше околу еден час да изминат  два до  три километри, сепак од МВР велат дека изминатиот ден поминал со стандарден број на сообраќајни незгоди. Вчера во градот се случиле 12 сообраќајки, од кои една била со потешки телесни повреди, во четири сообраќајќи имало девет лица полесно повредени и седум сообраќајќи биле само со материјална штета.

 

voda voda1 voda3  voda5