Додека Заев ги слуша Героски и Шеќеринска, ќе биде во дебела опозиција

Виктор Грозданов, поранешен директор на Асоцојацијата за приватни електронски медиуми, медиумски работник и член на партијата ГРОМ, во интервју за Нетпрес зборува за актуелната политичка ситуациjа во земјава, дали е можна радикализација на состојбата и евентуални промени во владејачката структура, по континуираните „бомби“ на лидерот на опозицијата.

Тој смета дека тоа што го прави опозицијата, никому не носи добро и освен мобилизација на членството, никого не го убедија за криминалот што постојано го најавуваат.

Во немоќ вистински да се спротистави на политиките на актуелната власт, опозицијата упорно продолжува со селективно објавување на приватни телефонски разговори на владини функционери. Притоа убедува дека власта прислушувала над 26.000 граѓани, пред се’ јавни личности кои имаат критички став кон нејзинта работа, а досега се’ што објави се наводни разговори на лица кои се дел од власта. Колку за вас е убедлива стратегијата на СДСМ, според која излегува дека тие што се обвинуваат за прислушување, се прислушувале самите себе си, бидејќи друго засега не слушнавме?

DSCN1230

Дека има прислушувани разговори првпат се слушна негде на почетокот на 2014 година, непосредно пред парламентарните избори, а веќе во мај се зборуваше дека во прислушувани разговори има за убиството кај Смилковско езеро, за криминали итн. Прислушувањето е направено од луѓе кои биле инсталирани во УБК. Имаме директно признание дека примале пари за тоа, и јас да сум  на местото на власта, не би се договарал со нив за призние, туку би ги осудил на максимални казни. Тие прислушувани разговори на 26.000 граѓани, како што тврди опозицијата, се во нејзини раце. Тие разговори не треба да ги чува опозицијата, туку обвинителството и полицијата. Треба да бидат чувани во институциите, а не во приватни раце. Од каде да знаеме кој се’ сега може да биде уценуван,  и кој се’ понатаму може да си ја земе правдата во свои раце.

Во однос на прислушувањето, презентирани ни се снимки од Гордана Јнакуловска, Сашо Мијалков, Никола Груевски, Миле Јанакиески, Зоран Ставрески, Латас, Мартин Протугер и Кире Божиновски. Тие цело време се во игра и освен вокабуларот во нивните меѓусебни разговори, кои во голем дел се приватни, нема призание и директен доказ дека извршиле некое кривично дело. А, најважно е што треба и да се докаже дека во разговорите се навистина тие.

Од друга страна , како пример ќе го земам Стево Пендаровски. Тој беше претседател на ДИК, беше советник за национална безбедност, кандидат за претседател на државата, човек кој што ги поставува директорот на Агенцијата за разузнавање, гувернерот и началникот на Генералшабот на Македонија. Исто така е врховен командант на вооружените сили и има клучна улога во дипломатијата. Опозицијата кажа дека тој бил 4 години прислушуван. Јас сакам да знам како тој човек разговара. Многу ме интересира, за време на изборите кога имаше своја Фејсбук кампања, како ги нашол парите и како разговарал кога му кажале дека успешно е завршена работата со Фејсбук. Зошто опозицијата тоа не го даде. Претпоставувам зошто вокабуларот веројатно е идентичен како и на тие од снимките што се презентираат. Во секој случај, ова што го прави опозицијата, никому не носи добро. Освен што го мобилизираа своето членство, ништо повеќе не направија, никого не убедија за криминал, како што го најавуваат.

Досега го лажеа членството дека ќе може да победат, дека на 9 мај ќе падне власта. Јас на господинот Зоран Заев само ова ќе му кажам:

„Додека ги слушаш Бранко Героски и Радмила Шеќеринска, ти ќе бидеш во дебела опозиција“.

Велат, Сашо Мијалков извршил кривично дело во однос на набавката на опрема за специјалните единици на Р.М.  Прво, Мијалков е директор на УБК. Второ, што ако парите биле насочени за тајни операции? Дали некој на Заев му објаснил што е државна тајна. За да се декласифицира таков договор, мора да има постапка која што може да трае со години. Некој многу интелигентно го лажел Заев. Тука тој не може ништо, се работи за набавка на опрема за специјални единици под државна тајна. Ако сака да знае што е државна тајна, нека му се обрати на лидерот на НСДП, Тито Петковски, тој маестрално ги договара сите договори со државна тајна, од 2006 до 2007 година. Нека му објасни, што е државна тајна, што е строго доверливо, по закоот за јавни набавки.

Во дел од „бомбите“ на Зоран Заев, беше презентирана и снимка од телефонски разговор со лидерот на вашата партија, Стевчо Јакимовски и директорот на УБК, Сашо Мијалков. Каков е вашиот став во однос на автентичноста на разговорите и колку опозицијата со ова може да предизвика поместување на политичката сцена, со крајна цел преземање на власта и нејзина дискредитација?

Разговорот меѓу Јакимовски и Мијалков е во врска со настан на избори, и што објавија тука? Најобичен разговор помеѓу кандидат за градоначалник и Мијалков, кој патем е и член на извршен одбор на ВМРО-ДПМНЕ. Значи разговор за настап на избори, за листа во кумановско. Што имаше тука спектакуларно и што толку го потресоа Јакимовски? Бидејќи многу се фалеа дека имаат докази против него, Јакимовски јавно повика да ги објават снимките и кажа дека ќе застане како квалитетен коалиционен партнер на ВМРО-ДПМНЕ. Ние сме посебен политички субјект, кој освои еден пратеник. Вечерта до 12 часот ГРОМ броеше два пратеника на 98,6 проценти изброени гласови. Во последен миг го изгубувме Панче Минов како пратеник, и тоа ни го зема СДСМ. Сега, ни направија изборна измама, или не? Ние можевме тоа да го прифатиме, а тие не можат да прифатат ништо. Нема потреба да се лаже дека се украдени 200.000 гасови.

Зад нападот на Гошинце стојат странски служби, на власта најмалку од се’ и треба инцидент

DSCN1240

Во однос на последните случувања со нападот на караулата Гошинце, власта вели дека станува збор за терористички напад, опозицијата, пак, за фингирано сценарио на владејачката партија за наводно дефокусирање на јавноста од „бомбите“на Заев. Кое е вашето мислење?

Дека се работи за некаква случајност, не би се согласил. СДСМ едно не разбира. Никола Груевски не е Љубчо Георгиевски,  Сашо Мијалков не е Доста Димовска, Гордана Јанкуловска не е Ламбе Арнаудов, Зоран Старврески не е Драган Даравелски. Овие играат многу паметно, не се каубојци. Направиле систем за девет години, точно знаат што може да им се случи. Дека прислушувањето е своевиден нивни пораз треба да го прифатат како реалност, ама не е тоа Љубчо Георгиевски, па ај сега ќе падне влста. Тоа не оди така. ВМРО-ДПМНЕ не се ненормални сами да си направат терористички напад во Гошинце и со тоа да ја дефокусираат јавноста. Како тоа ќе се случи кога имаме континуирани „бомби“. Терористите не се случајно дојдени, сакале да извршат дестабилизација или да пратат порака. Тука, некој сосема друг ја користи ситуацијата, јас би се фокусирал на наредбодавачот за прислушувањето и таму треба да се бараат одговори за нападот во Гошинце. Според мене, ова се странски служби и само тие можат вакво нешто да измислат. На власта најмалку од се’ и треба инцидент.

Можно ли е радикализирање на политичка сцена и колку сценариото на СДСМ може реално да ја врати Македонија неколку чекори наназад? Каде е тука интересот на граѓаните на Македонија?

Треба да се признае дека Заев точно знае што може да му се случи. Тој ја презема целата одговорност и самиот ги презентира снимките и е во фокусот на истрагата. Другите се кријат. И на крајот, Заев ќе излезе како најголемиот губитник, затоа што му се радуваат бидејќи не успеа на изборите. Во скопското крило него го сметаат за „селско копито“ и тоа е срамота што го зборуваат. Па дури му викаат: „Готово е, победивме шефе“. Не победивте, не можете да победите. Народот сака да слушне што му нудите, во секој сегмент. Оваа власт не може да се победи на таков начин. Има 62 пратеници, 55 градоначалници, неверојатен влез во администрацијата. Хипотетички, Груевски да даде оставка, што ќе направи Заев? Груевски ќе се гледа сеир и ќе се врати како Бојко Борисов во Бугарија, а Заев ќе отиде во историјата како неуспешен премиер, бидејќи во моментов не може да изврши каква било промена, на начин како што тие си замислуваат.

Тие што му ги дале разговорите, не му кажале како до крај тоа да го заврши. Нема поддршка, оставен е сам на себе. Сепак е многу храбро тоа што го прави Заев , но, тој е осамен во тоа. Затоа тврдам дека тој ќе изгуби, лично поради Шеќеринска и Героски. Каква радикализација ќе направат тие? Па, не дај боже да се случи тоа! Прво на кого му носи тоа интерес и ќар? Заев мислам дека нема да игра на таква карта, ниту, па, Груевски ќе оди до крај да се реваншира. Двајцата ќе бидат доволно мудри. Најжално е, мора да признаам, е тоа дека ќе дојдеме во ситуација за општа амнестија, тоа што го зборуваше Љубчо Ѓеорѓиевски.  Јас не го посакувам тоа, ама за мир во куќата би морало да се случи тоа.

Како поранешен директор на Асоцијацијата за приватните електронски медиуми во Македонија, колку е функционален Законот за медуми и медиумски аудио визуелни услуги и што би требало да се смени да се исклучи нелојалната конкуренција од МРТ и кабелските оператори?

Кабелските оператори не се конкуренција, туку каналите кои доаѓаат, а кои се регистрираат во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услоги. Има канали каде што има инвазија на српски реклами, а медиумите молчат. Од Агенцијата нема никаква реакција, тотално е немоќна и не ја интересира да работи во тој сектор. МРТ мора да биде лидер во целата ситуација. Мора да отвори уште 3-4 канали (музички, информативен, документарен, филмски, па може и спортски), има техника можност за тоа и вработени. Сите тиа канали не треба да имаат реклами за да не бидат нелојална конкуренција. Треба да направат и комплементарен сервис, портал, но, да немаат право на реклами, туку да информираат.

Слободата на медиуми е една од главните теми за кои опозицијата константно ја критикува актуелната власт? Заев и јавно си дозволи да ги подели медиумите на професионални и провладини. Колку реално може да се говори за цензура и загрозување на слободата на медиумите во земјава?

Власта има влијание во медиумите, тоа не е спорно, но има едно златно правило во политиката, а тоа е дека не треба да се расправаш со новинари. Јас не знам кој ги учи луѓето во СДСМ, кој им кажува дека тие треба да се закануваат на медиумите?  Што ќе направат, еве, на пример, ако утре да дојдат на валст? Ќе ги затворат „Нетпрес“, „Курир“, „Канал 5“ или „Сител“?  Грешат, бидејќи го слушаа Героски. Тоа се истрошени ликови во новинарството. Новинарите ги поделија на професиналци и непрофесионалци. Госпоѓа Ида Протуѓер на ТВ „Телма“ јавно кажа дека додека работела во „Дневник“ со Кате Блажевска и Миле Јовановски, тоа било врвот на демократијата, а после тоа било потоп. Таа е во некој новинарски пленум заедно со Сашо Кокаланов и Зоран Димитровски, кои после тоа беа главни уредници на „Дневник“.  Да сум јас на нивно место, никогаш не би седнал со неа на иста маса. Тие зборуваат за местење на уредници, а да ја потсетам јас како таа стана уредник во „Канал 5“? Да ги потсетам како беше сменет Роберт Поповски од главен и одговорен уредник? Како „Канал 5“ доби националлна телевизија? Тогаш можело.

За слободата на медиумите треба да се разговара многу квалитетно, без набој. Јас немам намера да се занимавам со тоа. Многу е жално когаќе видиш кој разговара за слободата на медиумите. Ако сакаат да разговараат за трансформација на МРТ треба да се обратат кај луѓе што навистина си ја знаат професијата и нема што да филозофираат.

За слободата на медиумите и за трансформацијата на МРТ, јас ќе им поставам едно прашање:

„Дали е вистина дека во 2005 година, тогашниот премиер Владо Бучковски, по инсистирање на тогашното раководство на МРТВ, а со одобрение на тогашната Асоцијација на приватни медиуми, напишаа еден член од Законот во кој се вели дека Министерството за финансии треба во наредните шест месеци да исплаќа 80 проценти од фактурираната вредност на радиодифузната такса во МРТВ, МРД и Совет за радиодифузија?“

Министерот за финансии, Никола Поповски, тогаш рече дека нема да исплати пари. Таму се случи бедотија, штрајкови…луѓето се разболеа, а еден генерален директор почина. Тоа е слободата на медиумите на замислените другари од СДСМ и на големите новинарски умови, кои тогаш не застанаа зад МРТВ.