Македонија

Доделена парична помош за лицата со инвалидитет во општина Карпош

Доделена парична помош за лицата со инвалидитет во општина Карпош

Традиционално по петти пат, градоначалникот на општина Карпош заедно со претседателот на Советот на општина Карпош, Сашо Лазаровски, доделија еднократна парична помош на лицата со инвалидитет.

По повод 3 декември, Денот на лицата со хендикеп, оваа хумана донација е од голема помош на лицата со инвалидитет , со цел пригодно да ги дочекаат Новогодишните и Божиќните празници. Градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски изрази задоволство што Општината може да помогне  на овие лица на кои најмногу им е потребна парична поддршка за негување и лекување.

– Општина Карпош, секоја година издвојува одреден дел на средства и посветува внимание на овие лица. Оваа година од општинскиот буџет се издвоија околу 300.000 денари, со тоа што ќе бидат поддржани околу 50 семејства, за да им се помогне за подмирување на материјалните потреби. На ваков начин, сакаме да покажеме дека водиме грижа и за оние лица кои имаат потреба, односно на оние на кои здравствената и социјалната состојба им е влошена. Покрај редовните средства што ги издвојува локалната самоуправа за поддршка на вакви лица, 3 декември е светскиот ден каде треба да се помогне на лицата со инвалидитет,  истакна Јакимовски.

Во иста насока, председателот на Советот на општина Карпош, Сашо Лазаровски, посака среќни празници на лицата со посебни потреби. Тој посочи дека Советот едногласно одлучи да им се додели еднократна парична помош од 5.000 денари за семејствата кои имаат вакво лице.

Со пригодна празнична трпеза беа пречекани лицата со инвалидитет, а тие од своја страна топло го поздравија и му се заблагодарија на градоначалникот Јакимовски за големата солидарност која  несебично ја пружа кон овие семејства. Хуманото дело на општина Карпош ќе продолжи и понатаму во уште поголем интензитет.