Доделени 50 нови ваучери за новороденчиња во Кисела Вода

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Билјана Беличанец Алексиќ денеска додели нови 50 ваучери за новороденчиња.

Со денешното доделување, бројот на семејства кои се стекнале со еднократна парична помош за своите новородени деца се искачи на 982.

– Ние како општина и во иднина ќе вложуваме напори да овозможиме најдобри можни услови за живеење на сите наши жители. Би сакала да потенцирам дека овој проект кој е дел од Програмата од социјалната сфера на општина Кисела Вода ќе продолжи да се реализира се до истекот на мојот мандат-нагласи градоначалникот Беличанец-Алексиќ.

Упатувајќи им честитка на новите родители, таа уште еднаш испрати порака до сите кои имаат принова да ја поднесат потребната документација за остварување на еднократната парична помош.

– Постапката е едноставна и се состои од исполнување на неколку барања, а тоа се: и двата родитела да се со живеалиште на територијата на општината Кисела Вода и заедно со барањето да достават на увид и важечки лични карти или други исправи за лична идентификација (една во случај на самохран родител), извод од матична книга на родените за новороденчето, како и фотокопија од трансакциона сметка. Рокот за поднесување на барањата е 90 дена, од моментот на раѓање на детето, појасни Беличанец-Алексиќ.