Доделени наградите „Гоце Делчев“ за особен придонес во науката

Наградата „Гоце Делчев“ за особено значајни остварувања во науката беше доделена денес во Собранието на Република Македонија.

Наградата им беше доделена на авторите на трудовите „Толковен речник на македонскиот јазик“ на тимот д-р Елизабета Бандиловска-Ралповска, д-р Олгица Додевска-Михајловска, д-р Снежана Велковска, д-р Снежана Веновска-Антевска, д-р Елка Јачева-Улчар, д-р Виолета Николовска, д-р Фани Стефановска-Ристеска, м-р Катица Топлиска-Евроска и д-р Живко Цветановски, на проф. д-р Билјана Јолевска-Тунеска за трудот „Резултати за композија и неутрикс композиција“ и на проф. д-р Аслан Хамити за трудот „Говорот на Албанците од Скопска Црна Гора“.

Претседателот на одборот за доделување на оваа награда, Владо камбовски, го најави 20. Век како време на војни и сртадања кои според некоја општа судбинска закономерност го следат раѓањето на македонската нација.

Камбовски рече дека нашите денешни опсервации на неговата личност и дело не може да го заобиколат сознанието дека тој бил човек со исклучително широк дијапазон на знаења и способности нив да ги насочи кон она што го избрал како највисока цел: ослободување на својот народ, но не само како отфрлање на туѓа власт, туку пред се како внатрешно ослободување од ропскиот менталитет и потчинетост на поединецот на за него несовладливи сили. Потсети дека е познат интересот на Делчев кон општествените и природните науки, посебно кон историјата и филозофијата.

Професорката Снежана Велковска, дел од авторскиот тим на „Толковниот речник на македонскиот јазик“, истакна дека во речникот е претставена јазичната слика на Македонецот на крајот на 20-от и почетокот на 21 век.

– Сега никој повеќе не може да не преименува, никој повеќе не може да не негира. Ние постоиме и тоа го знае целиот слободоумен свет. Речникот е најдобриот одговор на сите негирања и обиди да се смени нашето име, нашиот идентитет настанат од нашите прадедовци. Речникот е нашето најсилно оружје. Тука може да се види колку македонскиот јазик е поразличен од другите словенски јазици, рече Велковска.

Иако со тираж од само 1.000 примероци, додаде таа, го има на сите континенти, а интересот за него е огромен и во домашната јавност и во научните кругови во светот.

– Бројката од 21 автор е импозантна, а уште повеќе што зад оваа работа стојат уште многу неименувани кои учествувале на еден или на друг начин во подготовките за обработка на материјалот, работа што е скриена, не се гледа, но е многу значајна за еден ваков капитален проект, рече Велковска. Таа му се заблагодари на редакторот на речникот проф. д-р Кирил Конески.

ФОТО: МИА

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.