Доделени наградите на „Тра ла ла кидс“ и „Тра ла ла Битола“

На гала концерт во Центарот за култура во Битола синоќа се доделени наградите за најдобрите учесници на детските музички фестивали “Тра ла ла кидс” и ”Тра ла ла Битола” кои се одржаа на 27 и 28 ноември.

Првата награда на фестивалот “Тра ла ла кидс”, на кој настапија деца од 5 до 8 години, ја освои Андреа Нешковска со песната “Мармелад”. Втората награда му припадна на Андреј Огненовски со песната “Аматер”, а третата награда ја освои Марко Крстевски со песната “Ивана”. Специјалната награда која ја доделува директорот на фестивалот Тони Алексовски ја освои Христина Симоновска со песната “Чудо големо”.

1. Прва награда на фестивалото Тра ла ла Битола Ангела Кутлешовска

На фестивалот “Тра ла ла Битола” настапија млади музички таленти на возраст од 9 до 13 години. Првото место го освои Ангела Кутлешовска со песната “Мир”. На второ место застана Матеј Апостоловски со песната “Кларинетист”, а на трето Илона Шундовска со песната “Џастин”. Специјалната награда од директорот на фестивалот ја понесе Ива Салевска со песната “Мамина и татина”.

DSC_3073

,, На двата фестивали учествуваа 29 млади музички таленти од целата држава. Голем дел од нив се носители на меѓународни музички награди освоени на меѓународни фестивали. Овие два дена во Битола беше вистински празник на музиката. Деца од целата република имаа можност да се натпреваруваат со своите таленти, но и да се дружат низ музика и да шират позитивна енергија.,,-вели директорот на фестивалот “Тра ла ла” Тони Алексовски, кој е и Директор на регионалниот сојуз на Светската Асоцијација на перформанси и уметности WAPA и член на Светската Асоцијација на фестивали и уметности WAFA.

DSC_3088

Двата фестивали се во организација на Здружението за аудио визуелна уметност “БТ Фест”.Децата учесници на “Тра ла ла” досега учестувале на голем број меѓународни фестивали и арт-манифестации, каде се освоени повеќе награди, и тоа на “Еуростарс” во Малта, “Орошке звездице” во Словенија, “Док тече Лашва” во Босна и Херцеговина, ”Златна рибка” во Бугарија, “Сан Ремо – јуниор” и “Сан Ремо” во Италија, “Славјански Базар” во Белорусија, “Златни микрофон” во Хрватска, “Орфеј” во Венеција, “Златни дани” во Србија, “Шанс” во Данска, “Ти амо” во Романија, “Катјуша” во Русија, “Бледски микрофон” во Словенија, “Најсветла звезда” во Турција, “Кукуричек” во Хрватска и други фестивали и детски манифестации ширум светот.

Фестивалот “ТРА ЛА ЛА” годинава одбележува 15 годишно успешно егзистирање на музичката сцена.