Доделени Рациновите признанија за 2014 година

На синоќешната свечена програма  на 51. Рацинови средби во Младинскиот парк во Велес насловена „Рацин-Муграта на македонската литература“ свечено беа врачени Почесното Рациново признание за 2014 на Тања Ступар Трифуновиќ од Бања Лука од Босна и Херцеговина и Рациновото признание на Паскал Гилевски.

Од името на Општина Велес која е организатор на оваа  културната манифестација, наградите им ги врачи градоначалникот Славчо Чадиев.

Наградата Почесно Рациново признание за 2014 и се додели на Тања Ступар Трифуновиќ за афирмација на македонската литература и култура надвор од нејзините граници. Триесет и седумгодишната Тања Ступар Трифуновиќ ги преведува македонските автори во БиХ и ги претставува во списанието за култура и литература „Путеви“ во кое е негов уредник.  Инаку таа работи во Националната и универзитетска библиотека на Република Српска и воедно е уредник на културната програма.

Примајќи го ова високо Рациново признание на свечената бина, добитничката Тања Ступар Трифуновиќ истакна дека добивањето на ова признание за неа претставува голема чест и доверба.

„Кога поетот ќе добие признание кое носи име на поет на некој начин тоа е за него  потресно и го обврзува да направи многу повеќе. За мене е и  поттик и во иднина ќе настојувам тие врски помеѓу Македонија и БиХ да бидат уште поголеми,  а поезијата е најдобар начин да се поврземе и комуницираме помеѓу себе“, потенцира Тања Ступар Трифуновиќ.

Веднаш потоа на Паскал Гилевски му беше доделено Рациновото признание за 2014 година за неговиот роман  „Посмртна венчавка“ во издание на „Матица Македонска“.

racin2

Примајќи го ова високо признание Гилевски истакна дека му причинува огромно задоволство и чест да го понесе признанието на великанот на македонскат литература Кочо Рацин, посебно бидејќи му го доделуваат членови на жири комисија, а кои сите се добитници на ова признание.

 

„Рацин во својот живот не добил ниту една награда,но по смртта тој не’ наградува не само нас кои ја добиваме оваа награда со неговото светло име,туку и сите Македонци каде и да живеат во светот. На нас децата бегалци од Егејска Македонија кои живееме насекаде во светот, поезијата на Рацин ни беше најголема духовна врска со нашата татковина – Македонија, а неговите стихови не’ дозволија да го заборавиме мајчиниот јазик“, потенцира Паскал Гилевски.

Традиционалната Беседа за Рацин на свечената програма  ја одржа проф д-р Весна Мојсова Чипишевска, а ја посвети  на 75-годишнината  од издавањето на Рациновата стихозбирка „Бели Мугри“ и  при тоа се осврна за  нејзиното големо значење за македонската литература.

Со свои стихови настапија и гостите – членови на Друштвото на писателите на Хрватска: Дијана Буразер Деланиќ,Марко Грегор и Кемал Артна. Вечерта беше збогатена и со бендот „Иванов џез квартет“, а на неколку места низ Велес настапија и млади македонски поети.

Програмата на 51- те Рацинови средби во Велес продолжува и денеска.

МИА

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.