Македонија

Доделени сертификати за тренери за згрижувачи и социјални работници

Доделени сертификати за тренери за згрижувачи и социјални работници

Сертификати за тренери денеска им беа доделени на 22 стручни работници од центрите за социјална работа и Заводот за социјални дејности, како и на 45 постоечки и 17 потенцијални згрижувачки семејства кои ја поминаа обуката според PRIDE програмата, спроведена од посебно обучени тренери од Холандија, пренесува МИА.

„Со цел зголемување на квалитетот на згрижувачките семејства и обезбедување подобри услови за сместување на децата преку јакнење на капацитетите на постојните и развивање на згрижувачките способности на потенцијалните згрижувачи, МТСП го поддржа СОС Детско село Македонија во спроведување на PRIDE програмата во Република Македонија преку вклучување во обуките на стручни работници од Центарот за социјална работа и Заводот за социјални дејности. Сметам дека целите на оваа програма како воведување посебни стандарди за квалитет на грижата за децата и индикатори врз основа на кои ќе се врши мониторинг на згрижувачките семејства и обезбедување стандардизирана рамка за подготовка и избор на згрижувачките семејства се од извонредно значење“, истакна на доделувањето на сертификатите министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

Обуките се дел од мерките за унапредување на поддршката и грижата за деца кои се без родителска грижа, како правилен избор кој овозможува креирање безбедна семејна средина и планирана иднина за децата, но и развивање на личности кои ќе треба да ја понесат.

„Токму затоа, во последниве неколку години во Република Македонија интензивно се работи на развивање на формата сместување во згрижувачко семејство како вонинституционална форма на заштита која се применува долг период на нашите простори, односно уште од 1961 година. Бидејќи сместувањето во згрижувачко семејство е најблиско до живеењето во семејство, Министерството за труд и социјална политика презеде низа активности за развој на оваа форма на заштита преку подготовка и спроведување кампањи на национално и локално ниво, подготвување пропаганден материјал, донесување подзаконски акти, упатства и програми за работа на стручните работници, обука за згрижувачите, како и обезбедување донации“, додаде министерот Спасов.

Во Македонија има 175 згрижувачки семејства во кои се згрижени 276 деца без родители и без родителска грижа. МТСП во 2013 година потпиша Mеморандум за соработка со Приватната установа „СОС Детско село„ со кој во рамките на системот на згрижување се преземаа 12 згрижувачки семејства од „СОС детско село„. Месечните трошоци за сместеното дете и трошоците за згрижувачот во овие згрижувачки семејства ги надоместува Министерството согласно со Законот за социјалната заштита и Правилникот за критериумите за избор на згрижувачко семејство, видот и бројот на корисниците кои можат да се сместат во едно згрижувачко семејство и видот и обемот на услугите од социјална заштита што му се обезбедуваат на сместеното лице.

„Надоместокот за трошоците за сместеното дете изнесува 5.000 денари, а надоместокот за згрижување изнесува 1.500 денари. Доколку се работи за дете без родители и родителска грижа и дете со воспитно-социјални проблеми на училишна возраст износот се зголемува за 500 денари. За истиот износ се зголемува и надоместокот за згрижување. Надоместок за трошоците за сместување на дете со нарушено општествено поведение и дете со пречки во развојот се зголемува за 1.000 денари. За истиот износ се зголемува и надоместокот за згрижување“, рече Спасов.

Додаде дека грижата за овие деца не престанува по нивното заминување од домот или згрижувачко семејство, додавајќи дека се преземаат низа мерки за нивно економско осамостојување, како еднократна помош во висина од 180 илјади денари, финансика помош за студирање, домување во социјални станови…

„За полесно осамостојување и вклучување во општествениот живот овие лица имаат и право на парична помош за социјално домување кое се остварува преку плаќање закупнина на стан и комунални трошоци, преку санација, адаптација и реконструкција на сопствен имот или како надомест за сместување во студентски дом“, истакна министерот.

Спасов напомена и дека со Програма за вработување на лица кои до 18-годишна возраст имале статус на дете без родители и родителска грижа (Програма Д-10) согласно која во 2013 година се вработени 83 лица во државни и јавни институции. Деновиве е објавен и нов јавен оглас за вработување 30 лица во рамки на оваа програма.