Доделени сертификатите за доквалификација и преквалификација на кадар на учесниците на обуките за образование на возрасните

Во Стопанската комора на Македонија денеска беа доделени сертификатите на учесниците на втората група од обуката „Готвач во угостителски објект”, кои се стекнаа со оваа стручна квалификација и го надградија своето знаење од областа на готварството. Учесниците успешно ја завршија обуката во времетраење од четири месеци, од кои еден месец посетуваа теоретски предавања, еден месец посетуваа практична настава, а останатите два месеца учесниците реализираа практична работа. Обуката за стручната квалификација „Готвач во угостителски објект” започна со реализација во април оваа година.

Станува збор за верификувани програми признати од Министерството за образование и наука на Република Македонија. Струката „Готвач во угостителски објект” беше финансирана од Оперативниот план за активни мерки за вработување од 2014 година. Во реализацијата на планот беа вклучени Агенцијата за вработување на Република Македонија, UNDP, Центарот за стручно образование, Центарот за образование на возрасните, како и приватни провајдери на обуките.

Бизнис центарот за тренинг и обука е првиот приватен провајдер во Македонија кој нуди акредитирани обуки за образование на возрасни. Заинтересираните лица можат да посетуваат неколку обуки од градежно-геодетска струка (фасадер, гипсер-монтер), од угостителско-туристичка струка (келнер-гастроном, готвач во угостителски објект), како и од машинска струка (аргон-заварувач), а во најбрз можен рок ќе имаат можност да посетуваат повеќе обуки и од други струки.