Доделени шест лиценци за рурални аптеки

Доделени се лиценци за подвижните аптеки во повеќе региони низ државата и во финална фаза е отварањето на овие аптеки.

Истите се очекува да почнат да функционираат веќе од наредниот месец, со што жителите на помалите населени места (до 1000 жители) потребната терапија ќе ја добиваат во своето место на живеење.

Оваа мерка за воведување подвижни аптеки низ државата овозможува директен бенефит за над 266 илјади жители во вкупно 1.400 населени места.

-Како што знаете, Министерството за здравство кон крајот на минатата година објави јавен повик за доделување лиценци за подвижни аптеки во мрежата на здравствени установи. Досега се доделени вкупно 6 лиценци, со кои се опфатени следните региони: Во Полошкиот регион се доделени вкупно 4 лиценци, и тоа една лиценца за регионот на општина Дебар, Маврово-Ростуше, Центар Жупа (со која се опфатени вкупно 64 населени места), една лиценца за регионот на општина Тетово и Боговиње (со која се опфатени 17 населени места), една лиценца за регионот на општина Теарце, Јегуновце, Желино, Брвеница (со која се опфатени 35 населени места), една лиценца за општина Гостивар и Врапчиште, со која се опфатени 29 населени места, посочи министерот Тодоров.

Покрај Полошкиот регион, опфатен е и Југоисточен регион, односно реонот на општина Гевгелија, Богданци, Дојран и Валандово (вкупно 44 населени места) и Пелагонискиот регион, односно општините: Прилеп, Новаци и Могила (со вкупно 115 населени места).

-Само со овие 6 лиценци, кои се веќе доделени, опфаќаме 304 населени места со над 50.000 жители.За потсетување, во овие населени места лековите се доставуваат со посебно возило, таканаречено подвижна аптека, а како кадар се ангажирани фармацевтски техничари. Предвидено е подвижните аптеки да ги посетуваат населените места најмалку два до три пати во месецот по претходно утврден распоред. Воедно, дипломиран фармацевт вработен во аптеката (во рамки на која како посебна организациска единица функционира подвижната аптека), има обврска најмалку еднаш неделно да врши контрола на работата на фармацевтскиот техничар, рече Тодоров.

Целта е со оваа мерка да се придонесе кон подобра здравствена заштита на примарно ниво во руралните подрачја во државата кои досега не беа соодветно покриени со аптеки.

-Пред да ја воведеме мерката, извршивме темелна анализа за сите населени места во кои поради малиот број жители немаше интерес за отворање рурални аптеки, и врз основа на тоа ја изготвивме мапата на населени места (до 1000 жители) кои треба да бидат покриени со подвижни аптеки. Поради интересот за воведување подвижни аптеки и во другите региони низ државата, Министерството за здравство веќе објави и нов јавен повик за доделување  вкупно 18 нови лиценци за подвижни аптеки, рече Тодоров.

Со новиот повик ќе бидат опфатени и други општини, покрај споменатите, како што се:

–       Битола (1 лиценца)

–       Демир Хисар, Крушево, Кривогаштани и Долнени (2 лиценци)

–       Ресен и Охрид (1 лиценца)

–       Кичево и Македонски Брод (1 лиценца)

–       Струга и Дебарца (1 лиценца)

–       Велес, Чашка, Градско и Лозово (1 лиценца)

–       Кавадарци, Демир Капија, Неготино, Конче (1 лиценца)

–       Кочани, Кратово, Пробиштип (1 лиценца)

–       Крива Паланка, Ранковце, Македонска Каменица, Виница (1 лиценца)

–       Берово, Пехчево, Делчево (1 лиценца)

–       Штип, Свети Николе, Радовиш (1 лиценца)

–       Карбинци, Зрновци, Чешиново, Облешево (1 лиценца)

–       Струмица, Василево, Босилово, Ново Село (2 лиценци)

–       Арачиново, Илинден, Петровец (1 лиценца)

–       Куманово, Липково, Старо Нагоричане (1 лиценца)

–       Сопиште, Студеничани, Зелениково (1 лиценца)

Во рамки на овој проект и согласно измените и дополнувањата на Законот за лекови и медицинските помагала, приватните здравствени установи – аптеки кои имаат 2 или повеќе аптеки во иста општина, или 5 или повеќе аптеки на ниво на Република Македонија, задолжени се да отворат аптеки/аптекарски станици во рурални подрачја, односно подрачја со население до 3.500 жители. Доделени се 66 решенија за аптекарски станици, со кои се покрива регион од вкупно 37 општини и се опфатени над 130.000 жители. Веќе 46 аптекарски станици имаат склучено договори со Фондот за здравствено осигурување и издаваат лекови на рецепт.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.