Доделено 500-то решение од проектот „Купи куќа, купи стан“

Решението на тричленото семејство Димовски, кое 15 години живеело под кирија, им го врачи вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, со што беше доделено 500-тото решение од проектот „Купи куќа, купи стан“ . На овој начин Владата преку субвенционирање им помага на граѓаните да дојдат до сопствен дом.

– Велигденските празници се период кој вообичаено го поминуваме со семејството и во домот и уште повеќе се потврдува тоа дека вистинското богатство на секој човек е семејството, домот и хармонијата. Затоа ми е мило што во оваа велигденска недела имав можност да бидам во домот на семејството Димовски кое симболично е 500-тиот корисник на проектот „Купи куќа, купи стан“, изјави вицепремиерот Ставрески.

Тој нагласи дека проектот досега предизвикал голем интерес кај граѓаните и оти од тие причини е отворена канцеларија во Министерството за финансии каде може да се добијат информации за можностите што ги нуди, без разлика дали се работи за учество за кредит или за половина рата.

– Се работи за значителна финансиска поддршка од државата. Во последниве месеци имаме над 25 одобрени барања. Вкупниот број е 524, што значи дека проектот наиде на добар интерес кај граѓаните, рече Ставрески.

Новите сопственици на стан изразија задоволство од можноста што им ја дала државата да можат со 50 проценти субвенционирано учество да дојдат до сопствен дом.

Фотографија: МИА