Доделување на филмските награди „Оскар“ во недела

Во недела во Лос Анџелес ќе се одржи 88-мото доделување на филмските награди Оскар. Шоуто ќе се случува во театарот „Долби“ во Центарот „Холивуд и Хајланд“, каде ќе бидат најголемите ѕвезди во филмската индустрија.

Меѓу номинираните се големи актерски имиња: Леонардо Дикаприо, Мет Дејмон, Кејт Бланшет, Џенифер Лоренс, Шарлот Ремплинг, Кејт Винслет, Мајкл Фасбендер, Еди Редмејн, Кристијан Бејл, Силвестер Сталоне, Рејчел Мекадамс.

Членовите на Американската академија на филмска уметност и наука ќе ги наградат најдобрите филмови во 2015-та. Дванаесет номинации има филмот „Повратник”, десет „Побеснетиот Макс“, а седум номинации доби „Марсовец“.

За Оскар за најдобар филм номинирани се: „Мост на шпиони“, „Бруклин“, „Повратник”, „Побеснетиот Макс“, „Марсовец“, „Соба“, „Обложување на столетието“ и „Спотлајт”.

На оскаровската церемонија ќе се појават голем број филмски и музички ѕвезди, како Расел Кроу, Вупи Голдберг, Шарлиз Терон, Морган Фримен, Бенисио Дел Торо, Риз Видерспун, Џулиен Мур, Софија Вергара, Џон Леџенд, Лејди Гага, Д Викенд, Фарел Вилијамс, Сем Смит.

Водител ќе биде популарниот актер, сценарист и режисер Крис Рок, а настанот ќе го пренесуваат над 200  држави во светот.

оскари 2

Преносот на „Ноќ на Оскарите“ во Македонија ќе го емитува ТВ Сител. Ќе почне на 28 февруари околу 23.40 часот. Најпрво ќе биде проследено  пристигнувањето на ѕвездите, а од 1 часот по полноќ ќе почне „Одбројување до Оскарите“ со куси интервјуа со номинираните за Оскар и поранешните добитници пред самиот театар „Долби“. Оскаровското шоу ќе почне во 2.30 по македонско време и се очекува да трае околу четири часа.

Коментатор на преносот ќе биде Миланка Рашиќ, чија агенција „Миракс“ и годинава ги откупи ТВ-правата за емитување на најгламурозниот светски филмски настан. Првиот дел од преносот заедно со Рашиќ ќе го коментира костимографот и моден дизајнер Александар Ношпал.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.