Доделување на награди на Струшките вечери на поезијата

Наградите во рамки на 53 – то издание на Струшките вечери на поезијата ќе се доделуваат вечерва.

Годинашниот лауреат јужнокорејскиот поет Ко Ун е 49-иот добитник на највисокото признание на фестивалот, кое се состои од филигрански изработен лавров венец. Наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга меѓу две изданија на фестивалот Струшки вечери на поезијата за 2014 година ќе и биде доделена на Вера Чејкоска за книгата „Моите веди“.

Признанието „Мостови на Струга“, што УНЕСКО и Струшките вечери на поезијата го доделуваат за најдобар поет-дебитант, ќе му биде врачено на британскиот поет Хари Ман за дебитантска книга „Лифт“. Покрај добитниците на наградите, на поетскиот митинг ќе настапат и поети од разни страни на светот. Точно на полноќ на прес-конференција ќе биде соопштен добитникот на наградата „Енхалон“.

Наградата „Златен венец“ првпат му е доделена во 1966 на рускиот поет Роберт Рождественски за најдобра песна, а од 1971 година, кога лауреат бил американскиот поет Вистан Хју Одн, Златниот венец се доделува за творештво.