Доделување на првите награди од „Фискална во рака-награда без мака“

фото: МИА

Првото извлекување од наградната игра „Фискална во рака-награда без мака“ќе се одржи вечерва. Досега се пристигнати над 500.000 пликови со фискални сметки.

Наградната игра почна на први декември годинава. Граѓаните учествуваат со собрани 20 фискални сметки од кој било износ издадени по 15 ноември 2013 година.

Главна награда е стан и дуќан во Скопје, а секои 45 дена ќе се доделува автомобил и вредносни ваучери за лаптопи, велосипеди, смарт телефони, ЛЦД телевизори,… Извлекувањето ќе биде во девет кола.

Со наградната игра се очекува да се подигне свеста кај граѓаните и да се зајакне фискализацијата.

Приредувач на наградната игра „Фискална во рака-награда без мака“ е Државната лотарија на Република Македонија, под покровителство на Министерството за финансии.