Доделување ваучери за набавка на таблет компјутери

Вкупно 4.570 студенти денес ќе добијат ваучери за таблет компјутери во рамки на владиниот проект за доделување вредносни бонови – ваучери за набавување таблет компјутери со надворешна тастатура за потребите на редовните студенти и студентите евидентирани како лица со посебни потреби.

Ваучерите се со вредност од 8.000 денари, а таблет компјутерите студентите може да ги набават најдоцна до 25-ти јуни.

Од пристигнатите 7.290 апликации, 1.938 биле одбиени, а 728 дополнително ќе се проверуваат. Најмногу ваучери се доделени на скопскиот УКИМ и на штипскиот универзитет „Гоце Делчев“, а најмалку на охридскиот.

Ваучерите за набавување таблет компјутери со надворешна тастатура ќе бидат доделени денес од страна на министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски и деканот на Природно – математичкиот факултет Ицко Ѓоргоски во просториите на факултетот.

Таблет компјутерите се наменети за редовните студенти од трета и од четврта година и за студентите евидентирани како лица со посебни потреби од која било година на студии во учебната 2014/2015 година, на високообразовните установи во Македонија, а кои доаѓаат од семејства со бруто приходи не поголеми од 32.741 денари.