Додик: Никогo не навредуваме, ниту пак го провоцираме со референдумот

Претседателот на Република Српска Милорад Додик оцени синоќа во интервјуто за Хрватската радио телевизија (ХРТ) дека смета оти со референдумот за 9 јануари како Ден на РС никого не навредува, ниту провоцира.

Коментирајќи ја одлуката на Уставниот суд на Босна и Херцеговина кој ја одби апелацијата на Народното собрание на Република Српска за преиспитување на одлуката на судот со која Денот на РС е прогласен за неуставен, Додик истакна дека во одлуката на судот пишува дека за него (Денот на републиката) никого не сме прашале кога сме го вовеле, па затоа еве можност да ги прашаме. Босанците можат да не излезат на референдумот, или да излезат и да гласаат против – и тоа е став.

Додик потврди дека Владата на Република Српска веќе го усвоила првиот предлог на измени со обврска дека одбележувањето на празникот нема да се однесува на оние кои тоа ги навредува или не можат да се идентификуваат со него.

ХРТ потсетува дека Уставниот суд на БиХ, покрај одбивањето на барањето н РС за преиспитување на неуставноста на 9 јануари како Ден на РС, донесе и одлука привремено да ги суспендира одлуките за распишување на ентитетски референдум за Денот на републиката на РС кој е закажан за 25 септември.