Додик побара Србија да има и пратеници од Република Српска

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик смета дека ќе биде добро доколку во Парламентот на Република Србија се најдат и претставници на Србите кои живеат надвор од матичната држава.

Додик неодамна доби пасош од Србија, а во интервју за белградскиот весник „Данас“ потсетува дека бара трајна либерализација на доделувањето српски пасоши, бидејќи Србите во РС го сакаат државјанството на Србија.

Тој вели дека му е благодарен на премиерот на Србија, Александар Вучиќ, што му овозможил забрзување на процедурата, но мисли дека таа треба да биде уште побрза.

– Мислам дека секој Србин треба да добие државјанство на Србија, да ја покажеме приврзаноста кон земјата матица која ја сметаме за татковина, вели Додик и додава дека секогаш „чувствува мака кога патува со пасошот на БиХ“.

Тој изјави дека е свесен дека државјанството на Србија му ја дава можноста да учествува на изборите во Србија, да бира и да биде биран, и затоа истакна дека тој примарно е државјанин на РС, но дека не гледа причина Србија да не постапи како некои други земји, Хрватска, на пример, која во Саборот има квота за  пратеници за хрватската заедница надвор од матичната држава. Додик предлага за РС да има квота од четири-пет пратеници, два-три за Црна Гора и по еден за Македонија и Западна Европа. 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.