Додовска: Барањето за оставка на Груевски е голем политички гаф

Ценам дека Зоран Заев отиде во Брисел под принуда и со голема манипулација која во текот на целата мината недела ја држеше македонската јавност, па и меѓународната заедница во тензија околу тоа дали ќе продолжи со преговорите, бидејќи самиот тој повеќе не е фактор на одлучување во СДСМ, туку со него раководат надпартиските структури кои вршат влијание тој едноставно да се договори дека нема да се договори. Од таму, нема простор за дијалог кога не постои начин да се дојде до нормален компромис кој би довел во интерес на сите страни кои се засегнати, во случајов политичките елити во Македонија, да изнајдат начин на еден демократски и транспарентен пат да ги изведат работите на виделина и сето ова да добие политичка и правна разрешница, која очигледно е дека не му одговара на СДСМ.

Ова го истакна универзитетската професорка Иванка Додовска во Дневникот на Канал 5.

Дипломатијата е многу сериозна и таа секогаш и кога ве прекорува, ве прекорува во ракавици, вели Додовска и додава дека, овој тон, СДСМ и Заев треба да го сфатат многу сериозно, бидејќи е насочен кон нив и кон нивната нетранспарентна и недемократска игра.

-Впрочем кога се бара трет фактор да превенира во одреден конфликт и се очекува од тој фактор да превземе одговорност за разрешување на одередена политичка криза како што е оваа во моментов во нашава земја, нормално е дека ќе предизвика и револт кај меѓународните претставници, кои навистина искрено и многу транспарентно се вложија во целиот процес. Од таму, ценам дека Зоран Заев треба добро да се преиспита и можеби да си ги смени своите советници, кои во суштина мислам дека го советуваат во своја корист, тоа се интереси на тесни партиски елити, кои се поттикнати од лични интереси и потреби за реваншизам, а сите тие чинат цела левица. Едноставно целата опозиција да биде заложник на нивните конструкции и визии кои во прв ред му штетат многу на Зоран Заев, понатаму и на опозицијата, а секако се рефлектираат и врз македонските граѓани.

Според професорката Додовска,опозицијата треба да постави реални и транспарентни барања до власта и да се најдат на пола пат, за да се договорат дека Македонија ќе оди напред.

-Барањето за оставка на премиерот Никола Груевски и барањето за формирање на техничка Влада во која нема да учествува Груевски е бесмислено и еден голем политички гаф, бидејќи Груевски не одговара сам за себе во моментов, тој одговара во името на 500 илјади граѓани, кои минатите избори во му дадоа поддршка. Во моментот кога Никола Груевски, своеволно ќе отстапи од премиерската функција ќе го изгуби легитимитетот и кредибилитетот кој го добил од граѓаните на демократски избори потврдени од сите релевантни институции, вели Додовска.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.