Додовски: Со спасувањето на Паљурци да не се направи нова катастрофа за ново пресушување на Дојранското Езеро

Поранешниот заменик министер и министер за животна средина Марјан Додовски на својот фејсбук профил напиша дека хидро-системот за спас на Дојранското Езеро уште еднаш ја покажа својата грандиозност и одржливост. Изминативе години, пишува Додовски, со враќањето на водата во езерото, се врати и животот во Дојранско, се вратија туристите, заживеа риболовот. Економски, социјално и културолошки овој регион од Македонија се прероди.

„Хидро-системот за спас на Дојранското Езеро уште еднаш ја покажа својата грандиозност и одржливост. Изминативе години со враќањето на водата во езерото, се врати и животот во Дојранско, се вратија туристите, заживеа риболовот. Економски, социјално и културолошки овој регион од Македонија се прероди“, напиша Додовски кој своевремено беше ангажиран во проектот за спас на езерото.

„Деновиве со водата од Хидро-системот се спасуваше и Паљурци и земјоделците од регионот. Но мора да се истакне дека хидро-системот е тој кој што го дава животот и не смее да се заборави и опусти. Мора одржливо и плански да се користи и одржува. Деновиве додека се пренасочува водата во Паљурци не смее да се остави до ден денес Дојранското Езеро без капка вода дотур и каналот десетина дена да биде празен и опустен. Затоа треба да се внимава, со спасувањето на Паљурци, да не започне ново пресушување на Дојранското Езеро и да се наговести нова еколошка кататрофа. Од хидро-системот има вода и за Дојранско Езеро и за Паљурци и за земјоделците, како и да се обезбедува вода за пиење на поголем дел од граѓаните од тој регион. Важно е плански да се управува со водата и да се одржуваат пупмите кај Ѓавачко поле (10 пумпи се со капацитет од по 100 литри во секунда) и пумпите кај базенот над Богданци. Затоа, треба внимателно да се чува бисерот каков што го имаме сега – Дојранското Езеро.“, се вели во Фејсбук објавата на Додовски кој е и автор на книгата „Дојранско Езеро: Од агонија до живот“.