Догани: Затворени се 6 од 9 сточни пазари во Македонија, граѓаните се безбедни од болеста син јазик

Затворање на сточните пазари е една од мерките на Агенцијата за храна и ветеринсрство (АХВ) кои се преземени за спречување на ширење на болеста син јазик кај домашните животни.

Заменик директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Абдулезел Догани за НетПрес, вели дека засега се затворени само сточните пазари кои се наоѓаат на 23 километри од жариштето каде е забележана болеста син јазик.

„Во Македонија има девет сточни пазари, од кои денеска затворивме шест од нив бидејќи се наоѓаа на помала оддалеченост од 23 километри од жариштето каде е забележана болеста син јазик. Ова е една од превентивните мерки кои ги преземавмем бидејќи преносителот на болеста е мушичка. Колку за појаснување, пазарите се затворени бидејќи ако здраво животно се смести до болно, нема да може да дојде до заболување на здравото животно, но доколку во близината меѓу овие две животни се најде мушичката која е преносител на болеста, тогаш голема е веројатноста дека здравото животно ќе се зарази. Болните животни се однесени во најблиската кланица, за да не дојде до пренесување на животните во регион во кој ја нема болеста син јазик“, вели заменик-директорот Догани.

Досега се регистирани 79 жаришта во 18 општини, кои опфаќаат 61 населено место. Според податоците на АХВ, во овие регистрирани жариша има 13.467 овци, 1.151 коза, како и 261 говодо. Клиничка слика е утврдена кај 832 овци, 23 кози и 3 говеда. Регистрирано е угинување на 118 овци што претставува смртност од 0,88 отсто.

Во лабораториските тесирања, според АХВ, присуството на вирусот син јазик и антитела е утврдено кај 20 говеда,192 овци и 17 кози.

Болеста син јазик кај добитокот за прв пат се појавува во Македонија и за неа сеуште не постои лек. Оваа болест ја создаваат мушичките од видот Culicoides. Таа не се пренесува од животно на човек, ниту пак од животно на животно. Болеста син јазик придонесува за намалување на телесната тежина, намалување на млечноста, нарушување во растот на волната и можна смртност.

Инкубацијата на болеста кај овците трае од 8 до 10 дена. Болеста различно се манифестира кај различни видови животни, во најтешка форма се јавува кај овците.

Не треба да се крева паника за оваа болест кај луѓето бидејќи тие не можат да се заразат од неа, додава Догани.

„Паника дека болеста може да се пренесе кај луѓето не треба да има. Оваа болест не се пренесува од животно на човек, ниту пак од животно на животно. И во случај некој ако јадел одреден производ од животно кое било заболено од син јазик, тоа не може да предизвика никакви последници врз човечкиот организам. Единствените луѓе кои се во загуба од оваа болест се сточарите, бидејќи како што веќе реков, човекот не може да заболи од болеста син јазик“, објаснува Догани.