Договор за добрососедство со Бугарија по петти октомври

Договор за добрососедство меѓу Скопје и Софија по петти октомври.

Министерот за надворешни работи на Бугарија, Даниел Митов изјавил дека двете земји до завршувањето на парламентарните избори во Бугарија кои ќе се одржат на 5 октомври, ќе мора да почекаат со финализацијата на договорот за добрососедство, но дека договор треба да биде потпишан.

„Се разбира, ние остануваме на ставот дека договор за добрососедство со Македонија треба да биде потпишан. Тоа мене, а и Вам ви е јасно дека речиси и нема шанси да се случи во рамките на овие три месеца, но ако продолжиме да разговараме, без оглед дали тоа ќе го побара македонската страна или ќе биде на наша иницијатива, ќе придонесе да ја подготвиме рамката на договорот за идната Влада“, изјавил Митов.

Шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски пак, во понеделникот во интервју за Deutsche Welle исто така порача дека заокружувањето на договорот за добрососедство ќе мора да почека до формирањето на новата бугарска влада.

„Внатрешно – политичката ситуација во моментов во Бугарија е таква што земјата има техничка влада до изборите во октомври. Од бугарска страна ни беше речено: можеме да имаме активности, но ништо не можеме конкретно да премостиме. Така што, заокружувањето на Договорот за добрососедство и целиот тек на дискусии ќе ја чекааат новата бугарска влада. Тоа што е значајно за нас е дека успеавме да ја промениме климата во дискусиите по предложениот Договор за добрососедство и во рамките на различните експертски работни групи кои што се случуваа. Мислам дека доколку продолжиме со таквиот тренд на отворена дискусија, не би требало да биде тешко да се затвори тоа прашање, кое објективно, ако е отворено, не е во прилог на Македонија, бидејќи последното што би сакале да ни се случи е да имаме две земји членки на ЕУ кои не‘ блокираат. Од друга страна мораме да очекуваме од земјите членки на Унијата да се однесуваат европски по ова прашање“, изјавил Попоски, нагласувајќи дека за разлика од 2012 година кога ова прашање беше покренато од Бугарија, сега состојбата е многу подобра.