Балкан

Договорена е владејачката коалиција во Република Српска

Договорена е владејачката коалиција во Република Српска
Претседателите на Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД), на Демократскиот народен сојуз (ДНС) и на Социјалистичката партија (СП), Милорад Додик, Марко Павиќ и Петар Ѓокиќ, вечерва во Брчко се договориле за формирање на власта по изборите во Република Српска и го најавија потпишувањето на спогодбата за коалициска соработка.
За деталите од спогодбата дополнително ќе стане збор, се наведува по средбата.
Милорад Додик потврди дека овој договор ќе резултира со спогодба за соработка на ниво на РС и на БиХ, но не изнесе детали за документот се додека за него не се изјаснат и органите на партиите.
Додик наведе дека нивниот договор за коалиција може да се смета за дефинитивен. Тој повтори дека 42-та пратеници за собраниското мнозинство мораат да бидат од партии од РС, но и додаде дека тие имаат обезбедено и повеќе од овој број.
Ѓокиќ на прес-конференцијата, по двочасовниот состанок, рече дека трите партии имаат 42 пратеника кои се потребни за собрансико мнозинство и дека овој „темелен“ принцип е исполнет и дека може да се менува само доколку кон ова мнозинство се приклучат и други партии.
Трите партии и досега беа во коалиција на ниво на РС, а Ѓокиќ наведе дека тоа ја обезбедило стабилноста, но и дека останале многу отворени прашања, посебно на ниво на БиХ и дека на тоа мора да му се посвети должно внимание.
Марко Павиќ, од своја страна, изјави дека се усогласени важни политики на основа на кои треба да се развиваат и РС и БиХ, односно дека се одлучиле на создавање коалиција врз основа на фактот дека ги имаат обезбедено потребните 42 пратеника за собраниско мнозинство.
Тој потврди дека дел од овие структури се и коалициските партнери ДНС, Српската радикална партија на Драган Ѓурѓевиќ и Напредна Српска на Адам Шукало.