Договорот на кредиторите со Грција одобрен во Бундестагот

Долниот дом на германскиот Парламент, Бундестагот го одобри договорот на кредиторите со Грција, пренесува МИА.

Договорот беше одобрен денеска на вонредна седница на Бундестагот, а на гласањето му претходеше жестока дебата.

Со ова се отвора можност за отпочнување преговори за третиот пакет помош на Атина во вредност од 86 милијарди евра. „За“ усвојување на договорот се изјаснија 439 пратеници во Бундестагот, „против“ беа 109, а 40 беа воздржани.

Германија е една од неколкуте земји-членки на еврозоната, чии парламенти треба да го одобрат

Договорот со кредиторите на Грција треба да биде одобрен од неколку парламенти
Договорот на кредиторите со Грција треба да биде одобрен од неколку парламенти

договорот на кредиторите со Грција, пред да стапи во сила.

Во дебатата во Бундестагот се вклучи и германската канцеларака Ангела Меркел, која ги повика пратениците да покажат солидарност и компромис за да и се помогне на Грција „да застане на нозе“, бидејќи алтернативата на тоа, како што рече, би бил хаос, како во Грција, така и во Европа.

– Ние сакаме Грција да остане во еврозоната. Наспроти енормните грчки напори, стои енормната солидарност на Европа, посочи Меркел.

Таа нагласи дека еврото е повеќе од валута и оти на Европа и е потребна способност за компромис.

Германскиот вицеканцелар и шеф на Социјалдемократската партија (СПД), Зигмар Габријел во обраќањето побара крај на дебатата за „грекзит“, односно идејата Грција да ја напушти еврозоната.

Тој наведе дека кај народот постои голема скепса поради тоа, но потенцира оти „Германија е една силна, но и сочувствителна земја“.

Министерот за финансии Волфганг Шојбле пак нагласи дека Грција досега не ги исполнила ветувањата и дека ова е последен обид „за решавање на тешката задача“.

Тој се заложи за понатамошни преговори со Грција, додавајќи оти по преговорите може да се знае каква ќе биде ситуацијата.

Претходно денеска, договорот на кредиторите со Грција го одобрија и парламентите на Шведска и Австрија, а во средата доцна вечерта тоа го стори и грчкиот Законодавен дом.